ВО СЕКОЕ МАКЕДОНСКО ДИПЛОМАТСКО ПРЕТСТАВНИШТВО КАДЕ ЌЕ СЕ ПРИЈАВАТ 10 ГЛАСАЧИ, ЌЕ СЕ ОРГАНИЗИРА ГЛАСАЊЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, ВЕЛАТ ОД ДИК

    ВО СЕКОЕ МАКЕДОНСКО ДИПЛОМАТСКО ПРЕТСТАВНИШТВО КАДЕ ЌЕ СЕ ПРИЈАВАТ 10 ГЛАСАЧИ, ЌЕ СЕ  ОРГАНИЗИРА ГЛАСАЊЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ, ВЕЛАТ ОД ДИКДИК соопшти дека преку веб апликацијата досега биле доставени вкупно 251 пријава за гласање. Најголем број од пријавите се поднесени во Берн, Швајцарија и Виена-Австрија, по 21, а во Љубљана-Словенија и Торонто-Канада по 18. Од 251 пријави, 127 биле обработени од ДИК, а 124 се во обработка; - Од седницата на ДИК на први август (Фото: К. Попов)

    Нема пропуст во процедурата за пријавувањето на дијаспората за гласање на претстојниот референдум на 30 септември, велат од Државната изборна комисија.

    „За да се отвори гласачко место во македонските дипломатски конзуларни претставништва (ДКП) во странство, треба да се пријават само десет, а ако има пријавено илјада гласачи, се отвора дополнително гласачко место во истото ДКП. На сите ќе им биде овозможено да гласаат“, изјавија од Државната изборна комисија за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Дел од македонската дијаспора која живеае во Австрија, на социјалните мрежи реагираше дека може да им биде оневозможено да гласаат во ДКП на претстојниот референдум, бидејќи во соопштението од македонската амбасада во Виена стоело дека за да се овозможи гласање, потребно е да се пријават илјада гласачи. Поради несигурното гласање, дел од нив купиле карти за да можат да гласаат во Македонија на референдумот.

    И од владата и од Министерството за надворешни работи изјавија дека недоразбирањето е надминато, реагирано е на време и корегирана е грешката во соопштението.

    Најголем дел од пријавените за референдумот се иселеници од Швајцарија и од Австрија.

    ДИК соопшти дека преку веб апликацијата https://dijaspora.sec.mk, досега биле доставени вкупно 251 пријава за гласање. Најголем број од пријавите се поднесени во Берн, Швајцарија и Виена, Австрија, по 21, а во Љубљана-Словенија и Торонто-Канада по 18. Од 251 пријави, 127  биле обработени од ДИК, а 124 се во обработка.

    Од 9 до 23 август, кога трае увидот во Избирачкиот список, македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство, можат да достават пријава, своерачно потпишана до ДКП или по електронски пат преку веб апликација на ДИК.

    Пријавата во рок од два дена по завршување на увидот, дипломатското претставништво треба да ја достави електронски до Министерството за надворешни работи кое до 27 август треба да ја извести ДИК. Македонската дијаспората за референдумското прашање ќе гласа ден порано – на 29 септември.

    Сите иселеници кои ќе се пријават да гласаат во странство во македонските дипломатско-конзуларни претставништа, нема да може да гласаат и во Македонија. Граѓаните кои нема да се пријават за гласање како дијаспора, ако допатуваат во Македонија и ако ги има во Избирачкиот список, ќе може да гласаат на референдумот.

    „Сите што ќе увидат грешки во нивните лични податоци или за некој член од семејството до 23-ти ќе можат да поднесат барање за исправка. Барањата за измена, дополнување или бришење на податоците во избирачкиот список, граѓаните треба да ги поднесат во нашите подрачни одделенија и канцеларии“, велат од ДИК.

    Избирачкиот список кој е ставен на увид е состојба од податоците на граѓаните кои заклучно со 30 септември годинава станале полнолетни.

    На 30 септември ќе се оддржи референдум за консултирање на граѓаните. На референдумот, граѓаните ќе се изјаснат на прашањето: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    Референдумот ќе биде консултативен, бидејќи не станува тука збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да мора биде задолжителен.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира