Инфективното одделение во Штип се полни со заразени пациенти од КОВИД-19 од текстилната индустрија. Од првичните две заразени работнички вкупната бројка завчера се зголеми на шест, вчера на десет работнички со КОВИД-19, а од денеска со новите седум заразени бројот на заболените текстилни работници се зголеми на 17 лица. Заразени се и две лица, кои не се од текстилната индустрија.
„Сите текстилни работници со КОВИД-19 се од иста конфекција. Денеска имаме само двајца заболени кои не се од текстилната индустрија, но се испитува нивната поврзаност. Земени се брисеви уште од десет други текстилни работници кои биле во контакт со претходно заболените и нивните резултати ќе се знаат до утре“, велат од Центарот за јавно здравје во Штип.
„Само еден заразен пациент е пуштен на домашно лекување и изолација, останатите иако се со средна клиничка слика, сепак оценивме дека сè уште не се за домашно лекување па се хоспитализирани на Инфективното одделение кое има капацитет за прифаќање на вкупно 30 пациенти“ вели директорот на Клиничката болница, Ален Георгиев.
Од центарот за јавно здравје во Штип соопштуваат дека сите заразени се од иста конфекција и сега се анкетираат уште 50 работнички за кои се смета дека имале контакт со заразените колешки. Се анкетираат работници и од други кластери кои се превезувале со истиот автобус со заразените работнички.
Општинскиот кризен штаб по новонастаната состојба ги интензивира мерките за поголема превентива кај текстилните фабрики со нивно дезинфицирање и со делење на маски на вработените. Штабот издал налог стриктно да се почитуваат мерките за дистанца во халите и во автобусите.
Т. ЈОВАНОВСКИ