ВО СТАНОТ ВО КОЈ СЕ ПРОНАЈДЕНИ ИСКОРИСТЕНИ ПЕЛЕНИ ОД ЧИЈА РЕА СЕ ЕВАКУИРАШЕ ЦЕЛА ЗГРАДА, ПРЕД 20 ГОДИНИ ИНТЕРВЕНИРАЛА ПОЖАРНАТА ОТИ ВАРЕЛЕ РАКИЈА ВО КАЗАН

    ВО СТАНОТ ВО КОЈ СЕ ПРОНАЈДЕНИ ИСКОРИСТЕНИ ПЕЛЕНИ ОД ЧИЈА РЕА СЕ ЕВАКУИРАШЕ ЦЕЛА ЗГРАДА, ПРЕД 20 ГОДИНИ ИНТЕРВЕНИРАЛА ПОЖАРНАТА ОТИ ВАРЕЛЕ РАКИЈА ВО КАЗАНЕкипа на Центарот за социјални работи ноќеска разговараше со станарите за кои соседитер велат дека секогаш имале проблем со хигиената и не контактирале со никого. (Фото: Г.Конев)

    Во станот поради кој вчера попладне беше евакуирана цела зграда на булеварот Кузман Јосифовски Питу 15 во ТЦ„Скопјанка“ во скопската општина Аеродром, пред 20 години интевенирала Пожарната бидејќи сопствениците вареле ракија во него.

    Станарите од зградата откако синоќа специјалните единици на Армијата открија дека купишта пелени со измет и урина се причина за острата миризба која ги натерала да ги напуштат домовите, за САКАМДАКАЖАМ.МК  раскажаа дека со години наназад имаат проблеми со сопствениците на овој стан.

    „Во станот живеат мајка и ќерка. Мајката е стара околу 90 години, а ќерката е шеесет годишна. Проблеми со хигиената во нивниот стан имало секогаш, но никој не веруваше дека ќе дојде до ова. Ова не е прв пат Бригадата за противпожарна заштита да интервенира во овој стан. Пред дваесетина години ја викнавме Пожарната оти излегуваше чад од станот, мислевме дека избил пожар. Но кога влегоа, пожарникарите констатираа дека мажот на ќерката кој сега е починат, ставил казан во станот и вари ракија“, велат станари кои живеат во зградата.

    Специјалната единица на АРМ за атомска, биолошка и хемиска одбрана (АБХО) синоќа констатираше дека миризбата е од нехигиена во еден од становите. (Фото: Г.Конев)

    Станарите велат дека жените не плаќаат за одржување на зградата, ниту пак можат со нив да разговараат. И покрај обидите да стапат во контакт со нив, тие не им отвораат врата и речиси никој не ги видел.

    Дополнителен проблем на станарите им претставува и бездомник кој живее во подрумот на зградата. Синоќа, откако пожарникарите и инспекторите дојдоа да испитуваат што е причината за миризбата, по сугестија на граѓаните се симнале и во подрумот и таму нашле над 100 пластични шишиња полни со урина.

    „Ќерка ми со маска ја вадевме од станот оти миризбата беше неподнослива. Луѓето не само што чувствуваа мачнини, туку имаше и такви што се пожалија на болки во стомакот“, рече еден од станарите кој не веруваше дека лошата хигиена може да е причина низ цела зграда да се шири толку остра миризба.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој беше со станарите додека траеше неизвесноста, откако специјалната единица на АРМ за атомска, биолошка и хемиска одбрана (АБХО) влезе во станот, им кажа на граѓаните дека за неколку часа може да се вратат во своите домови и дека не станува збор за некое хемиско средство.

    Градоначалникот Петре Шилегов синоќа ги убедуваше станарите дека купиштата пелени со урина и измет се причина за острата миризба, а потоа им покажуваше и видеа од состјбата во станот.(Фото: Г.трпеноски)

    „Во стан 11 на втори кат е пронајдено големо количество користени пелени и така фрлани наоколу. Почната е дезинфекција на станот и ќе се врши дезинфекција на целиот влез. На лице место е екипа од Центарот за социјални работи која разговара со жените кои живеат во тој стан, за да бидат соодветно згрижени во текот на ноќта“, рече Шилегов ноќеска околу полноќ. Тој на станарите им покажуваше видео снимка од внатрешноста на станот, затоа што соседите не можеа да поверуваат дека поминале шест часа на улица поради пелени.

    Зградата кај ТЦ Скопјанка беше целосно евакуирана вчера околу 18 часот откако станарите почувствувале остра миризба. Најпрво околу 15 часот миризбата била послаба, мирисало на лук, па на пиперка, за после неколку часа да стане неподносливо и веднаш ги напуштиле домовите. Била повикана полиција, пожарникари и екипа на Брза помош. Но, ниту полицајците, ниту пожарникарите не можеа со часови да утврдат од каде доаѓа миризбата бидејќи влегуваа во зградата без заштитни маски и многу брзо излегуваа.

    Дури околу полноќ, откако дојде специјалната екипа на АРМ беше утрдено која е причината за миризбата.

    А. АНТЕВСКА – Г.КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира