На скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во тек е трансплантација на црн дроб, на бубрези и на коскени ткива од починат дарител, соопшти Министерството за здравство. Рано утрово на Хируршките клиники започна експлантацијата на органите, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт даде согласнот за донирање.
Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември лани.
„Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрега и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работа“, вели министерот за здравство Беким Сали, заблагодарувајќи се на сите медицински екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на дарителот, на реципиентите и во операциските сали.
„Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба“, вели Сали.
Лани имаше трансплантации и на 10 бубрега од починат дарители, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива.
Б. НЕСТОРОСКА