ВО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ДОМОВИ НИЗ ЗЕМЈАВА СЕ ДОСТАВУВААТ КОВИД ВАКЦИНИ, СЕ ПРЕПОРАЧУВА ВНИМАТЕЛНОСТ ИАКО ПАЃА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ

    ВО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ДОМОВИ НИЗ ЗЕМЈАВА СЕ ДОСТАВУВААТ КОВИД ВАКЦИНИ, СЕ ПРЕПОРАЧУВА ВНИМАТЕЛНОСТ ИАКО ПАЃА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИВакцините се наменети за возрасни и адолесценти над 12 години. (Фото: СДК.МК)

    Во текот на неделава во здравствените домови низ земјата ќе бидат дистрибуирани 11.520 дози на вакцини против ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Во Скопје, вакцинацијата ќе се одвива во поликлиниката „Бит пазар“. Вакцините се наменети за возрасни и за адолесценти над 12 години.

    „Потсетуваме дека вакцинацијата претставува најдобра и најефикасна мерка на заштита на здравјето од заразни заболувања“, велат од Министерството.

    Според последниот извештај за ковид-19 на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 30 септември до 6 октомври тестирани се 255 материјали, со намалување од 25,2% во однос на претходната недела, кога биле 341. Регистрирани се 20 нови позитивни случаи, со намалување од 55,6% во однос на минатата недела.

    Во тековната недела регистрирани се заболени лица во пет града. Најголем дел од нив се во Скопје (14), а највисока инциденца е регистрирана во Неготино. Регистрирани се заболени лица во возрасни групи над 30 години и од нула до девет години, а најголем број случаи има во возрасната група над 60 години (14/70,0%).

    Во текот на минатата недела (30.09-06.10) пријавено е едно починато лице асоцирано со ковид-19 од Скопје, од возрасната група над 60 години. Лицето било невакцинирано, без регистрирани коморбидитети и починало во болнички услови.

    Во текот на 2024, заклучно со 6 октомври, регистрирани се 1.689 заболени. Во септември (288) се регистрира намалување од 65,3% во споредба на претходниот месец (829).

    „Иако бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво се намалува, со оглед на тоа дека почнува периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на САРС-КоВ-2 да се зголемува, што ја нагласува континуираната потреба од надзор (епидемиолошки и вирусолошки) на национално и регионално ниво“, препорачува ИЈЗ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира