Криминалната пресметка во која ноќеска еден загина, а двајца се тешко повредени, почна пред објектот на СЈО на „Рузвелтова“ во Скопје, каде од автомобил во движење непознати лица со рафали пукаа во друг автомобил. Според она што можеше да се види од увидот на крим-техника, биле испукани над 30 куршуми.
Возилото во кое се наоѓаа загинатиот и повредените било начекано веднаш по семафорите на крстосницата со „Партизанска“, по што бркотницата продолжила до наредната крстосница со „Орце Николов“, на 300 метри оддалеченост. Таму, изрешетаното возило преминало во спротивната лента и се судрило првин со едно возило кое случајно поминувало, а потоа и со друго паркирано возило пред кафулињата кои се наоѓаат во близина. Напаѓачите избегале.
Вооружената пресметка се случи околу еден часот по полноќ, кога се затвораат кафулињата во петок и фреквенцијата на луѓе и возила во тој дел на градот е поголема.
Телото на загинатиот и повредените беа пренесени во Ургентен центар, каде дојдоа нивните роднини, а имаше и засилено полициско присуство. „Рузвелтова“ беше затворена за сообраќај од „Партизанска“ до „Орце Николов“, а блокирани беа и помалите споредни улички кон населбата Карпош 1.
Од полицијата, која беше присутна во огромен број на местото на вооружената пресметка, сè уште нема официјална информација за убиството. Официјално, не е познат идентитетот ниту на настраданите, ниту на напаѓачите.
М. ИЛИОСКИ