Дел од воспитувачките и негувателките, кои во детските градинки во Скопје беа ангажирани на определено време, во петокот пред Нова година останаа без работа. Не им се продолжени договорите за работа. Некои од нив реагираа и на социјалните мрежи дека само во Ѓорче Петров од оваа година без работа остануваат 15 негувателки и воспитувачки, кои во градинките во оваа скопска општина работеле изминатите четири години.
Од Општина Ѓорче Петров велат дека не станува збор за 15 вработени, туку дека не им ги продолжиле договорите за работа на две воспитувачки и на пет негувателки од детските градинки, но дека нив ги плаќа Општината, а не Министерството за труд и социјална политика. Општинските власти смируваат дека нема простор за загриженост, оти веднаш ќе ангажираат нов кадар кој чека вработување со години.
„Не се продолжени договорите за воспитувачките и негувателките од градинките, кои ги плаќа општината. Станува збор за договори, кои се продолжуваат на три месеци. Нема потреба од загриженост кај родителите на дечињата, бидејќи испразнетите места ќе бидат веднаш потполнети со ист број нови воспитувачки и негувателки, кои чекаат вработување со години“, велат од Општина Ѓорче Петров.
Поголем дел од градинките во Скопје со години имаат проблем поради недостиг од простор и кадар за згрижување на запишаните деца. Во повеќето од нив има и по 35 до 40 деца во група, за кои се грижат само една негувателка и една воспитувачка. Министерството за труд и социјална политика од септември годинава воведе и двосменско работење во градинките и најави дека откако ќе направат анализа ќе ги пополнат со кадар оние градинки каде има недостиг.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, вели дека во петокот на 29 декември ги потпишала согласностите за да им се продолжат договорите за времен ангажман на негувателките и воспитувачките до февруари годинава.
„Не ми е јасно зошто не им се продолжени договорите, бидејќи дадовме согласност на сите да им се продолжи ангажманот до февруари. Дотогаш градоначалниците на сите општини ќе може да направат проценка каде и колку кадар фали, дали некаде има вишок и како да се направи соодветна реорганизација‘, вели Царовска.
Е. БОЧВАРОСКА