ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ ШТО СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛЕСКОВАЦ Е МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ, НО ПОД ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ВЕЛИ РАШКОВСКИ

    ВОЗАЧОТ НА АВТОБУСОТ ШТО СЕ ПРЕВРТЕ КАЈ ЛЕСКОВАЦ Е МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ, НО ПОД ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ВЕЛИ РАШКОВСКИ„Во хотел беа сместени 14 лица, а 13 од нив сакаа да го продолжат патувањето кон Виена, каде и првично тргнале“, вели Драги Рашковски, генерален секретар на Владата, кој вчера беше во посета на повредените. - Од местото на несреќата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Возачот на автобусот на струшката компанија „Еуробус“, што вчера утро околу 1.40 часот се преврте во близина на српскиот град Лесковац, е под полициско обезбедување во лесковачката болница, а полесно повредените патници кои по укажаната лекарска помош беа сместени во хотел сакале да го продолжат патувањето кон Виена.

    Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој вчера вечер заедно со министерот за здравство Венко Филипче беа да ги посетат повредените, вели дека превозникот уште вчера испратил уште еден автобус и минибус и понудил да го организира враќањето на патниците кои беа сместени во хотел.

    „Од вкупно 35 луѓе во автобусот, тројца загинаа, шест се со посериозни повреди во болницата во Ниш, 8 се во болницата во Лесковац, а останатите беа сместени во хотел. Од нив четворица самоиницијативно си заминале. Во хотел беа сместени 14 лица, а 13 од нив сакаа да го продолжат патувањето кон Виена, каде и првично тргнале. Лекарите им кажаа дека нема да им потпишат дека се во состојба да патуваат до Виена и дека такво нешто може да им потпишат само за враќање назад во Македонија, но доколку одлучат да патуваат кон Виена тоа ќе биде на нивна одговорност“, вели Рашковски, кој вели дека нема информација дали патниците продолжиле кон Виена или се вратиле во Македонија.

    Тој рече дека во текот на денешниот ден ќе се изврши обдукција на тројцата починати, по што преку македонската амбасада во Србија ќе се организира превозот на телата.

    „Меѓу повредените е и возачот на автобусот, кој е под засилено полициско обезбедување, додека да се утврдат причините за несреќата. Вториот возач за време на несреќата спиел“, рече Рашковски.

    Министерот Филипче синоќа по посетата на повредените рече дека 6 патници кои се хоспитализирани во Ниш се со посериозни повреди, дека двајца се на апарати за дишење, но дека се стабилни. Тој кажа дека ќе се следи состојбата на пациентите и по направената опсервација ќе се одлучи дали ќе бидат оперирани во Србија или во Скопје.

    Во болницата во Лесковац каде се хоспитализирани 8 патници, според Филипче тие се со полесни повреди и таму ќе останат уште еден до два дена за да им се следи состојбата, по што ќе бидат вратени во Македонија.

    Автобусот на струшката компанија „Еуробус“ кој возел на линија кон Виена, во саботата во 19 часот тргнал од Битола, а низ Прилеп минал во 19.30 часот. Час и половина по полноќ, тој се преврте во близина на Лесковац. Според првичните информации причина за несреќата се лошите временски услови.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира