Негативни се тестовите за коронавирус на возачот на комбето со кое се превезуваше патничката заболена од коронавирус и на пациентот кој со симптоми се пријави во инфективното одделение во Виница па избега, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде дека утрово со симптоми на Инфективната клиника во Скопје се пријавила жена која престојувала во северна Италија и која на 26 февруари влегла во земјава со сопствено возило со уште еден член на семејството. Министерството за здравство дополнително информираше дека тестот на таа жена е негативен за коронавирус.
Педесетгодишната жена заболена од коронавирус е во добра општа состојба, веќе два дена нема температура и се лекува во изолирано одделение на Инфективната клиника во Скопје. Филипче рече дека шест-седум луѓе од приемот на пациентката се вкупен број кои досега се пријавиле сами во Клиниката и кои го почитуваат алгоритмот.
Во врска со вчерашниот случај на човекот од Виница кој со својата партнерка од Хрватска се пријавија па избегаа од болницата во Штип, министерот кажа дека е добро што немале контакти со други лица.
„Упатувам апел до сите на кои ќе им се назначи изолација, дека е за нивно добро и за доброто на пациентите и за сите луѓе во нивна на близина. Јас ги разбирам, но навистина нема потреба за паника и страв“, кажа Филипче.
По барање на Министерството за здравство, Владата донесе препорака до 6 март да се одложат сите јавни настани, а спортските и културните настани да се одржуваат без публика, како превенција од ширење на коронавирусот. По препораката на Владата откажани се карневалите во Струмица и Прилеп.
Македонскиот народен театар (МНТ), Театар Комедија и Националната опера и балет (НОБ) ги откажаа претставите до 6 март, а Драмски театар и Театарот за деца и младинци ќе ги одржат претставите од тековните репертоари.
Владата апелира до сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и учениците и студентите кои изминативе две недели престојувале во земјите со официјална епидемија со коронавирус да не доаѓаат на работа и на настава.
Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Владата изминативе денови укажаа да се откажат сите планирани екскурзии од државните инстуции во Италија и да не се патува ако не е потребно.
Б. НЕСТОРОСКА