ВОЗДРЖЕТЕ СЕ ОД КОМЕНТАРИ ВО ИДНИНА, ТУНТЕВ ГО ИСКАРА ШИЛЕГОВ ШТО ПОБАРА ДА СЕ ПОДДРЖАТ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА

    ВОЗДРЖЕТЕ СЕ ОД КОМЕНТАРИ ВО ИДНИНА, ТУНТЕВ ГО ИСКАРА ШИЛЕГОВ ШТО ПОБАРА ДА СЕ ПОДДРЖАТ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ОПОЗИЦИЈАТАВладејачкото мнозинство ги поддржа трите предлог законите на опозицијата на денешната собраниска седница. - Пратениците се на пауза до 15 часот (Фото: СДК.МК)

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев му забележа на неговиот сопартиец Петре Шилегов дека со барањето да се поддржат предлозите на опозицијата на денешната собраниска седница, ја искомпликувал работата.

    „Шилегов, не моравте да го барате тоа од Илија Димовски, ја искомплициравме работата. Ве молам воздржете се од коментари во иднина“, го искара Тунтев Шилегов.

    Владејачкото мнозинство ги поддржа предлог законите на опозицијата за зголемување на платите на администрацијата за 5 отсто, ваучери за студенти за набавка на компјутери и за измени во законот за извршување, да бидат ставени на дневен ред на денешната собраниска седница и да се расправа по нив по скратена постапка. По скратена постапка ќе се расправа и за пакетот закони за ранливи категории предложени од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски по прифаќање на нивниот предлог, се заблагодари до мнозинството, и тоа на барање на пратеникот на СДСМ Петре Шилегов.
    „Ставањето на дневен ред на овие измени не значи и нивно усвојување. По усвојувањето ќе се знае дали администрацијата ќе го добие покачувањето од пет отсто. Ова може да биде тактика на мнозинството со ставање на дневен ред, но потоа нашиот предлог да не биде гласан од владејачкото мнозинство“ рече Димовски.

    Собранието е на пауза, расправата ќе продолжи после 15 часот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира