Седум милиони деца во светот се пушачи. Навистина е вознемирувачки да се знае фактот дека седум од десет пушачи во Македонија започнале со пушење во рана детска возраст, рече претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава Аким Али, на денешната прес-конференција за одбележувањето на Светскиот ден без тутун, 31 Мај.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски рече дека според СЗО, Македонија има висока стапка на пушење, односно над 46 отсто од возрасните мажи и 27 отсто од возрасните жени користат тутун или некаков никотински производ.
„Употребата на тутун предизвикува и здравствени трошоци и може да се доведе до загуба на продуктивност, што придонесува до економски загуби. Секој еден денар инвестиран во контрола на тутун носи поврат од 18 денари заштеда на здравствени трошоци и добивки во продуктивност. Овие податоци реално ја отсликуваат потребата од контрола на тутун како еден голем здравствен императив. Сепак би сакал да истакнам дека контролата на тутунот не зависи само од здравствениот сектор. Еден од клучните аспекти е инспекторскиот пристап и поддршката од сите институции за доследно спроведување на законите, регулирање на сите прозиводи што користат тутун и никотин, како и воведување на нови мерки согласно потребите“, кажа Андовски.
Според Али, неприфатливо е дека податоците од 100 смртни случаи поврзани со тутунот, една петтина припаѓаат на пасивното пушење, така што пушачите не го уништуваат само сопственото здравје, туку и здравјето на своите деца, членовите на семејството и општата јавност.
„Кога луѓето користат тутун, покрај болестите како што се ракот, респираторните болести кои се јавуваат во текот на животот, дури и оние пациенти кои се пократко хоспитализирани, тие сепак остануваат подолго во споредба со другите пациенти и нормално тоа ги зголемува трошоците“, рече Али.
Пушењето е еден од главните причинители за голем број на незаразни заболувања, кажа директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) д-р Марија Андоновска, затоа, рече, мора постојано да се потсетува населението за негативното влијание на пушењето врз нивното здравје. Алармантни се податоците од истражувањата, вели, дека половина од возрасната популација во државата се активни пушачи.
„Кога половина од возрасната популација на една држава изјавиле дека се активни пушачи не можеме да седиме мирни, туку веднаш мора да донесеме мерки за зачувување на здравјето на населението. Како Институт за јавно здравје сме вклучени во борбата против тутунските производи низ целата година, а не само денес … Од самото мое доаѓање во Институтот за јавно здравје веднаш ја отворивме линијата за откажување од пушење ‘Не пуши, откажи с’“, на која што граѓаните кои што сакаат да престанат да пушат можат да се обратат за совет, но и за поддршка. Со гордост можам да кажам дека успешно работи линијата и на неа имаме бројни повици и резултати на луѓе кои што со помош на оваа линија и со стручната помош на вработените во Институтот се откажале од пушење. Околу 10 проценти од лицата кои што се јавиле на линијата, успешно се откажале од пушење. Можеби процентот не изгледа висок, но во споредба со западните земји каде постојат вакви линии резултатите се слични или исти со процентот на откажување којшто се движи од 10-12 проценти од јавувачите“, рече Андоновска.
Претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, презентираше податоци кои што покажуваат дека веројатноста да започнат со пушење кај младите кои имаат пријатели пушачи е 62 отсто, додека, кај оние кои имаат родители пушачи веројатноста изнесува 79 проценти.
„Значи, притисокот и влијанието доаѓа и од родителите и од другарите и пријателите и тоа е од критична важност, што мора да се земе предвид во стратегиите кои што ќе ги развиваме“, рече Милер.