ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ДА НЕ СЕ СОБИРААТ НА ПАУЗА ЗА КАФЕ, АПЕЛИРАШЕ МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКА

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ДА НЕ СЕ СОБИРААТ НА ПАУЗА ЗА КАФЕ, АПЕЛИРАШЕ МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКАПротоколот предвидува посебен режим за исхрана, потоа регулира како ќе се одвива одморот, спиењето, играњето на децата во градинките. - Од денешното отворање на градинките во Карпош. (Фото: Ѓ. Личовски)

    По пауза од седум месеци, над 14 илјади деца од денес се враќаат во градинките, со почитување на строги протоколи за заштита од ковид-19. На денешниот старт, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска апелираше воспитувачките и учителките да седат цел ден во својата група, да нема групирање за пиење кафе, за да се заштитат сите од ширење на болеста.

    Министерката при посетата на градинката „Буба Мара“ во Општина Аеродром, кажа дека протоколот којшто Комисијата за заразни болести го усвои многу јасно ги одредува обврските на сите. Протоколот предвидува посебен режим за исхрана, потоа регулира како ќе се одвива одморот, спиењето, играњето на децата во градинките.

    „Според проценките на Министерството за труд и социјална политика, во  градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители кои работат, а двајцата мора да се на работното место.  Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст, при најмал сомнеж за ковид-19 кај детето да алармираат. Министерството за здравство донесе посебни протоколи според кои се постапува со децата кои се сомнителни на ковид-19 “, рече министерката.

    Според протоколот, се предвидува за групите од 2 до 6 години да има најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 6 деца. На децата и на вработените при влез во градинката ќе им се мери температура, а вработените задолжително треба да носат маски. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини.

    Внатре во градинките, престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите и на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. Не смеат да се користат играчки кои не се перат.

    Градинките се затворени од 10 март, а од Министерството за здравство неодамна рекоа дека дополнително ќе се разгледува владината мерка која се однесува на тоа дека родителите на деца до 10 години остануваат дома.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира