ВРАБОТЕНИТЕ ВО ТРИ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ ПЕТ ДЕНА СО ПРОТЕСТИ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ТРИ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ ПЕТ ДЕНА СО ПРОТЕСТИ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕОд денешниот протест на вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм пред Владата. (Фото: МИА)

    Денеска, по петти пат протестираа вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, незадоволни од нивните плати, барајќи зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.

    Тие од петокот до вчера протестираа пред Министерството за финансии, побараа и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, не добија, а денеска протестираа пред Владата.

    Тие апелираат министерот за финансии да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти.

    „Не може државата да има двојни критериуми за вработени во иста категорија, во иста група, кои се под ист закон. Министерството за финансии изигрувајќи го системот донесе закон за буџети со кој предвиде зголемување на плати само за одредена категорија вработени, кои пак се во иста категорија како колегите кои денеска протестираат. Го бараме истото за сите вработени. Бараме минимум 30 проценти покачување за сите вработени од трите синдикални организации на синдикатот на УПОЗ или потпишување Колективен договор како што тоа го имаат направено колегите од Синдикатот на културата односно во дејноста култура“, кажа Трпе Деаноски од Синдикатот на работниците на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Македонија (УПОЗ).

    На протестот од завчера се придружија и претставници на Синдикатот на културни работници (СКРМ), a наскоро очекуваат да им се придружат и колеги од другите министерства.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира