ВРХОВНИОТ СУД ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА СЈО, ТЕМЕЛКО БИЛ УАПСЕН ЗАКОНСКИ

    ВРХОВНИОТ СУД ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА СЈО, ТЕМЕЛКО БИЛ УАПСЕН ЗАКОНСКИСпецијалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска на прес-конференција на 22 мај (Фото: СДК.МК)

    Врховниот суд донесе пресуда со која е утврдено дека била законска наредбата на Специјалното јавно обвинителство за лишување од слобода на Едмонд Темелко на 12 февруари 2016 година, соопштија од СЈО. Темелко беше уапсен на 12 февруари лани, како еден од главните осомничени во најобемниот предмет на СЈО „Титаник“, за изборни нерегуларности.

    Одлуката за Темелко е по Барање за заштита на законитоста на постапката поднесено од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода.

    Според пресудата на Врховниот суд од 6 ноември годинава, со решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, во однос на лишувањето од слобода на Едмонд Темелко, е повреден законот во корист на обвинетиот.

    „На 12 февруари 2016 година, по наредба на јавен обвинител на ова Јавно обвинителство, Едмонд Темелко беше лишен од слобода, а од судија на претходна постапка беше побарано да се изрече мерка притвор. Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на истиот Суд на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода“, потсети СЈО.

    Темелко повторно беше уапсен на 26 септември годинава, овојпат како обвинет во „Титаник“. Тогаш, тој доби притвор и остана во истражниот затвор во Шутка до 26 ноември, кога мерката притвор беше преиначена во куќен притвор. Одлуката беше донесена по позитивно мислење од Специјалното јавно обвинителство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира