Најголем проблем за македонските граѓани се високите цени и трошоците за живот (31%), а веднаш зад нив е корупцијата (22%), според најновото истражување на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), објавено денеска.
Слично мислење македонските граѓани имаат и во врска со тоа кое прашање треба да биде врвен приоритет на владата.
25 отсто од испитаниците одговориле дека високите цени и трошоците за живот треба да бидат врвен приоритет на владата, а потоа следуваат корупцијата со 22 отсто и невработеноста со 10 отсто. Дека ЕУ интеграциите треба да бидат врвен приоритет одговориле 1 отсто, со што ова прашање се најде на последно место во истражувањето.
На прашањето како би ја опишале актуелната ситуација во вашето домаќинство, 5 отсто одговориле многу добра, 50 отсто делумно добра, 27 отсто делумно лоша и 18 отсто многу лоша. 19 отсто не знаат или не одговориле.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган е најпопуларен странски лидер помеѓу македонските граѓани. 66 отсто имаат позитивно мислење за него. На второто место е рускиот претседател, за кого 49 отсто имаат позитивно мислење, а потоа следуваат американскиот претседател Џо Бајден со 37 отсто и кинескиот претседател Шји Шинпинг со 35 отсто.
На прашањето дали членството во НАТО е позитивно или негативно, 32 отсто одговориле дека е многу позитивно, 38 отсто делумно позитивно, 14 отсто делумно негативно и 8 отсто многу негативно. 8 отсто не знаат или не одговориле.
34 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ е сериозна во намерата да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, наспроти 47 отсто кои сметаат дека не е сериозна. 19 отсто не знаат или не одговориле.
Податоците за истражувањето се собрани од 2 февруари до 5 март од 1.220 возрасни испитаници во Македонија. Истражувањето е направено во сите земји од Западен Балкан.