ВРВОТ НА ОВОЈ БРАН КОВИД Е ЗАД НАС, А СЕКОЈ СЛЕДЕН ЌЕ БИДЕ СО ПОМАЛ БРОЈ БОЛНИ, СПОРЕД СТАТИСТИЧКИТЕ АНАЛИЗИ НА БИТОЛСКИОТ ПРОФЕСОР ТРАЈКОВСКИ

    ВРВОТ НА ОВОЈ БРАН КОВИД Е ЗАД НАС, А СЕКОЈ СЛЕДЕН ЌЕ БИДЕ СО ПОМАЛ БРОЈ БОЛНИ, СПОРЕД СТАТИСТИЧКИТЕ АНАЛИЗИ НА БИТОЛСКИОТ ПРОФЕСОР ТРАЈКОВСКИДневниот број на оздравени го надмина бројот на новодијагностицирани, така што се намалува и бројот на активните случаи, вели проф. Трајковски. (Фото: СДК.МК)

    Со дневно ниво на 700 до 800 нови случаи на ковид-19, врвот на овој бран од болеста е дефинитивно зад нас, смета професорот од битолскиот Технички факултет Дејан Трајковски, кој од појавата на заразата користејќи математичко-статистички анализи врши проценки за развојот на коронавирусот. Тој посочува дека дневниот број на оздравени го надмина бројот на новодијагностицирани, така што се намалува и бројот на активните случаи.

    „После врвот на алфа сојот (британскиот сој) со околу 100.000 дотогаш дијагностицирани и околу 22.000 активни случаи, секој нареден врв е сé понизок и понизок. Во сите наредни бранови се очекува врвовите да бидат со сé помали броеви на активни случаи, а заедно со нив и на хоспитализирани“, вели професорот.

    За починатите, смета дека моментално преминуваме преку врвот на дневниот број на умрени, којшто во споредба со поранешните врвови е многу поблаг. Според него, тоа се должи на сé помалата стапка на леталитет (процентот на починати од сите дијагностицирани). Започнувајќи од алфа сојот ланската пролет, преку делта сојот ланската есен, па до брановите на омикрон сојот годинава, се забележува постојано намалување на стапката на леталитет.

    „Од 20 јуни до 5 август починале 66 лица, од кои само едно со реинфекција. Леталитетот од ковид-19 (0,36%), при досегашната прележаност и опфат со вакцинација е само маргинално повисок од леталитетот на денешните видови грип (околу 0,30%). Затоа, некои доктори сметаат дека ковидот повеќе не треба да се смета за опасна болест и дека нема потреба од тестирања. Леталитетот е низок, но високата преносливост и големиот број на случаи сепак носат 2-3 смртни случаи дневно. Можеби ова и не е многу, споредено со просечно 54 починати дневно во цела Македонија од најразлични причини. Доколку продолжи овој морталитет од околу еден починат на милион жители дневно, ковидот би се наоѓал годинава некаде околу деветтото место како причинител на смртта, малку заедно со грипот во некои други времиња“, вели професор Трајковски.

    Според бројките од петокот, во моментов се активни 4.218 болни од ковид. Комисијата за заразни болести во петокот не препорача воведување нови рестриктивни мерки и апелираше на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, односно задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи.

    „Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се ковид позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски.
    Останува силната препорака/апел за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против ковид-19“, соопшти Комисијата за заразни болести.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира