ВТОРОРАНГИРАНАТА ФИРМА ПОНУДИЛА САМО ЕДЕН ДЕНАР ПОВЕЌЕ ОД „ТРАНС МЕТ“ ЗА ИСКОП ВО РЕК БИТОЛА, НЕ МОЖЕ ДА БАРА ПОНИШТУВАЊЕ НА ТЕНДЕРОТ

    ВТОРОРАНГИРАНАТА ФИРМА ПОНУДИЛА САМО ЕДЕН ДЕНАР ПОВЕЌЕ ОД „ТРАНС МЕТ“ ЗА ИСКОП ВО РЕК БИТОЛА, НЕ МОЖЕ ДА БАРА ПОНИШТУВАЊЕ НА ТЕНДЕРОТСопственикот на „Трансмет“ ги напушта просториите на СЈО на 26 мај откако вршел увид во доказите (Фото: СДК.MK)

    Второрангираната фирма на тендерт на ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, понудила само еден денар повеќе oд „Транс Мет Доо“. На тендерот „Транс Мет“, чиј поранешен сопственик е Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, понудилa 44 денари за гига џул, а второрангираната фирма 45 денари. Со тоа се оневозможува второпласиранта фирма да поднеле жалба поради разлика во понудените цени.

    Кочан, е осомничен во случајот на СЈО дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.

    „Опцијата второпласираниот да побара поништување на тендерот ако крајната сума е за 20 отсто пониска од неговата во случајов не е можна, бидејќи второпласираната фирма е многу блиску со сумата и разликата е под 20 проценти.  Најниската цена е 44 а највисоката понудена 95 денари. Учесници на тендерот се ‘Транс Мет’, ‘Пелистер’, ‘Гранит’, ‘Марковски компани’ и ‘Мис комерц’“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од државната компанија ЕЛЕМ.

    Од таму додаваат дека ќе ги преземат сите потребни мерки со цел да добијат писмени гаранции и потврди од фирмата со која ќе склучат договор, а во овој случај според понудената цена најдобра понуда има „Транс Мет“, дека  ќе ја изврши работата по понудената цена.

    „Правното лице ќе треба да достави банкарската гаранција од 5 отсто од вкупната сума на тендерот, што во овој случај би изнесувала 300 илјади евра. Тоа значи дека доколку надзорот од страна на контролните служби во РЕК Битол и ЕЛЕМ покажат дека изведувачот во одреден момент не се придржува до договорот и отстапува од него во однос на очекуваните обврски кои треба да ги изврши, законот предвидува на тоа правно лице да му се прекине договорот и да му се задржи сумата од банкарската гаранција, а Бирото за јавни набавки ќе му забрани да учествува на државни тендери во рок од една година“, велат од ЕЛЕМ.

    Поранешниот сопственик на Трансмет Сеад Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако на 9 март Кривичниот суд му одреди 30 дена притвор.  Се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. На повторното одлучување за притвор, тој даде гаранција од околу 900 илјади евра и го предаде пасошот за да се брани од слобода.

    АД ЕЛЕМ утрово соопшти дека „во однос на интересот на јавноста за фактот дека на аукцијата учествувала и на поддавањето најприфатлива цена дала фирмата ‘Транс Мет ДОО’ Скопје, чиј претходен управител е под кривичен прогон токму за тендер за РЕК Битола, нема можност да го исклучи од понатамошно учество тоа правно лице, иако структурата на сопственост е променета.  АД ЕЛЕМ побара од наведеното лице и доказ дека неговата сметка не е блокирана, по што писмено беше известен дека сметката на компанијата не е блокирана, што на истата и дава законска можност да учествува на било кој државен тендер“.

    ЕЛЕМ вели дека со сега постигнатата цена, предвидената услуга – ископ на јаглен и јаловина, од страна на „Транс Мет“ би требало да биде извршена за приближно 6 милиони евра. За истата, претходното раководство на ЕЛЕМ имаше предвидено буџет од 13 милиони евра, што значи дека, доколку конечната одлука го потврди овој избор, ќе бидат заштедени 7 милиони евра.

    Во законски предвидениот рок ЕЛЕМ најави дека ќе изврши проверка  на целата постапка и во текот на следната недела ќе ја соопшти конечната одлука за тоа која фирма го доби тендерот за ископ на јаглен и јаловина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира