На денешниот утрински состанок на Комисијата за заразни болести е предложено полицискиот час за време на првомајскиот викенд да биде од 19 часот в четврток до 5 часот в понеделник. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција кажа дека членовите на Комисијата со консензус дале мислење дека трите дена за празникот треба да биде воведена забраната за движење.
„Не утрешната седница на Владата ќе се разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести и ќе биде донесена одлука. Сакам да кажам дека сите мерки за рестрикции во движењето се носат врз основа на медицинска оправданост од стручни лица. Ја видов реакцијата на министерот Наќе Чулев и сметам дека не треба да имаме лични мислење за тоа колку треба да трае полицискиот час, туку да го оставиме тоа да го кажат стручните лица“, рече Филипче.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот фејсбук профил денеска напиша дека на состанокот на Кризниот штаб утрово предложил оти одлуката за полицискиот час треба да биде идентична на изминатиот викенд. Чулев смета дека секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните.
Во земјава до денес има 1.399 заразени со корнавирус, од кои 553 излечени, 65 починати и 781 активен.
А. АНТЕВСКА