ЗА 2 НЕДЕЛИ БИ ТРЕБАЛО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИ ДА ПРИМААТ НА ПРЕГЛЕДИ И ОПЕРАЦИИ РЕДОВНИ ПАЦИЕНТИ, СЕ НАДЕВА ФИЛИПЧЕ

    ЗА 2 НЕДЕЛИ БИ ТРЕБАЛО ДРЖАВНИТЕ БОЛНИЦИ ДА ПРИМААТ НА ПРЕГЛЕДИ И ОПЕРАЦИИ РЕДОВНИ ПАЦИЕНТИ, СЕ НАДЕВА ФИЛИПЧЕВо моментов државните болници речиси и да не функционираат за редовни пациенти, па граѓаните плаќаат за операции во приватните болници - ГОБ „8 Септември“ (Фото: СДК.МК)

    За две недели би требало да се нормализира работата на клиниките и болниците, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во моментов Клиничкиот центар, како и болницата „8 Септември“ која е КОВИД центар во главниот град на државата речиси и да не функционираат за редовни пациенти. Слично е и со болниците во внатрешноста на државата. Не се примаат пациенти на закажани прегледи преку системот „Мој термин“ од почетокот на март, не се прават интервенции и се трупаат одложени операции.

    Граѓаните откако ќе бидат вратени од државните клиники, помош бараат од приватните болници и притоа, иако плаќаат здравствено осигурување за прегледи и интервенции мора да плаќаат приватно за лекувањето.

    Министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција одговарајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК, кога Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ ќе почнат да функционираат и за други пациенти освен за заразени со КОВИД-19, рече дека на овој начин ќе се работи уште недела-две, па потоа ќе почне да се нормализира целокупната работа.

    „Сѐуште сме во фаза во која сите болнички капацитети се насочени кон пациенти со КОВИД-19, затоа што тргнавме од оние најцрни сценарија, што ќе биде ако ни се случи Италија или Шпанија. Мислам дека затоа резултатите се добри. На овој начин ќе функционираме во следната недела-две, по што ќе се нормализира целокупната работа, со јасно одделување на делови кои ќе бидат поставени за пациенти со коронавирус. Тоа е план кој што секоја земја во светот го прави, нешто за што разговаравме на состанокот организиран од Светската здравствена организација. Овие две недели е рано да се вратиме во нормален тек, уште сме многу внимателни во штедењето на здравствените работници, кадарот од сите установи е на ротации, сѐ со цел да бидат на располагање доколку затреба на инфективните одделенија“, рече Филипче.

    Филипче рече дека е недозволиво да се враќаат пациенти кои имаат потреба од здравствени услуги во било која клиника или болница и побара таквите случаи да се пријават, за да бидат санкционирани тие здравствени установи.

    „Само пациенти кои се со хронична дијагноза, на кои било какво одложување не може да им даде компликација на здравствената состојба можат да се вратат“, одговори министерот на новинар кој тврдеше дека граѓани биле враќани од државни болници со скршеници, па морале да се оперираат во приватни болници. „Фрактура не спаѓа во таа група на дијагнози. Секој мора да прими пациент на кој му е потребна здравствена услуга. Во сите клиники има една патека по која се примаат пациентите. Само стручниот кадар може да каже што може да се одложи, не доаѓа во предвид никакво одложување, ниту на онколошки, ниту на други животозагрозувачки операции на пациентите“, одговори Филипче.

    На Инфективната клиника во Скопје во моментов се хоспитализирани 62 пациенти. Од нив 5 се на механичка вентилација и 25 со потешка слика и кислородно зависни.

    Во ГОБ „8 Септември“ се лекуваат 29 заразени со коронавирус, од кои 7 се на респираторна машина.

    Во Болницата во Битола се лекуваат 7 пациенти од кои 1 пациент е во тешка општа состојба и на кислородна поддршка.

    Во болницата во Штип се хоспитализирани 2 пациенти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира