ЗА 27 АПРИЛ ЌЕ ПОВТОРУВАМЕ СЀ ДОДЕКА НЕ ОДГОВАРА КРИМИНАЛНАТА БАНДА НА ВМРО-ДПМНЕ, МУ ОДГОВОРИ ПРАТЕНИКОТ БОГОЕВСКИ НА КОЛЕГАТА ЃОРЧЕВ

    ЗА 27 АПРИЛ ЌЕ ПОВТОРУВАМЕ СЀ ДОДЕКА НЕ ОДГОВАРА КРИМИНАЛНАТА БАНДА НА ВМРО-ДПМНЕ, МУ ОДГОВОРИ ПРАТЕНИКОТ БОГОЕВСКИ НА КОЛЕГАТА ЃОРЧЕВПратеникот Павле Богоевски денска во Собранието носеше маичка од Шарената револуција. (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот од коалицијата на СДСМ и активист на Шарената револуција Павле Богоевски од собраниската говорница рече дека сѐ додека раководство на ВМРО-ДПМНЕ не одговара за злосторствата од изминативе 11 години, а посебно на 27 април, кога во Собранието влезе толпа насилници кои со терористички практики се обидоа да убијат пратеници, нема да има мир.

    Претходно, неговиот колегата од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев во дискусијата за експозето на мандатарот Зоран Заев му порача на Богоевски да ја смени плочата и да зборува за економската програма на предложената влада.

    „Плочата ќе ја смениме кога ќе одговара криминалната банда на ВМРО-ДПМНЕ. Дотогаш, нема правда, нема мир и сѐ дотогаш ќе ја вртиме истата плоча колку и да ви е досадно, господине Ѓорчев“, кажа Богоевски.

    Богоевски, исто така, рече дека ова не е политичка криза, туку терминот го измисли раководство на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека ова е кривично-правна и криминална криза, предизвикана од Груевски и неговите најблиски соработници.

    Во врска со експозето на Заев, Ѓорчев рече: „Сите проблеми, кои апсолутно ги има во државата, од утре се ваш проблем. Одговорете конкретно кога ќе отворите фабрика во Берово и Делчево, на кој датум и во колку саат, зашто ние не отворивме само таму“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира