Министерството за здравство го скрати буџетот за превенција од ХИВ за 40 отсто, со што на коцка го стави здравјето на најмалку 10.000 засегнати граѓани, обвинија здруженијата кои споведуваат активности за заштита од вирусот на СИДА. На денешната прес-конференција јавно прашаа дали „заштедите“ во буџетот државата започна да ги прави врз грбот на најмаргинализираните граѓани?
„На скандалозен и паушален начин, без каква било стручна дискусија, Министерството за здравство скрати дури 40 % од средствата предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, која Владата ја усвои пред само еден месец. Со тоа, државата ги става во ризик од згаснување воспоставените капацитети за контрола на ХИВ-инфекцијата во земјава“, изјавија од здруженијата „Заедно посилни“, „ХОПС“ и „Хера“.
Наместо предвидените 46,5 милиони денари во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, наменети за услугите за превенција од болеста што ги спроведуваат околу 14 здруженија во 12 града во земјава, Министерството за здравство завчера објави јавен повик за здруженија со износ намален за дури 19 милиони денари. Здруженијата велат дека за одлуката не е консултирана Националната комисија за ХИВ. Бараат итно да се коригира објавениот јавен повик за здруженија што ќе ги спроведуваат активностите во согласност со износите предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година.
Од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека подеднакво се грижат за сите категории пациенти во рамки на обезбедениот буџет, утврден преку Министерството за финансии и Владата.
„Потсетуваме дека здравството веќе две години се соочува со вонредна состојба со ковид-19 пандемијата и се менаџира максимално посветено во интерес на здравјето на пациентите. Остануваме отворени за соработка со граѓанските здруженија кои се наш партнер во реализација на активностите од Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекции“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека Министерството секоја година изготвува посебна Програма за заштита на населението од ХИВ инфекции, дел од средствата се од буџетот на Министерството, а дополнителeн дел од постојните буџети на јавните здравствени установи. Велат дека Министерството поддржува и 20 други превентивни и куративни програми, кои исто така се реализираат со средства од буџетот.
Од Здруженијата посочија дека во Македонија сè уште млади луѓе умираат од ХИВ, а според методологија на Европскиот центар за контрола на болестите, се проценува дека дури една третина (34 %) од вкупниот број лица што живеат со ХИВ во земјава не се свесни дека го имаат вирусот. Со ова, Македонија значително заостанува зад просекот на светско ниво, кој за 2020 година изнесувал само 16 отсто.
„Прекинувањето на услугите за ранливите групи ќе значи пораст на нови инфекции и пораст на смртни случаи поради ХИВ, а од друга страна и зголемен притисок врз клучни здравствени институции, како што се Клиниката за инфективни болести и центрите за лекување на зависности. Дури и мал пораст на епидемијата на ХИВ ќе доведе до многукратно зголемување на трошоците за лекување и здравствена грижа“, укажуваат Здруженијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА