ЗА АМНЕСТИЈАТА ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ СИ ГИ ПЕРАТ РАЦЕТЕ СО КАЦАРСКА И РУСКОСКА

    ЗА АМНЕСТИЈАТА ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ СИ ГИ ПЕРАТ РАЦЕТЕ СО КАЦАРСКА И РУСКОСКАПратениците Горан Мисовски, Фросина Ременски и Емилија Александрова со премиерот Зоран Заев на седница на собраниското тело за помирување. (Фото: К. Попов)

    Обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска, во незавршен судски процес, ќе бидат принудени да одобруваат или да не одобруваат амнестија на 33-цата обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, само по еден опис на кривичните дела кои не смеат да бидат амнестирани, што во закон ќе им го изгласа Собранието.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до копретседавачката на собраниското тело за помирување Фросина Ременски зошто Собранието ја префрла одговорноста за амнестијата за организираниот напад на Собранието и ги доведува во ризик Кацарска и Рускоска тоа да го прават по нивна проценка, пратеничката одговори дека тоа е личен новинарски став. На дополнително прашање колку полицајци ќе им бидат потребни потоа да ги чуваат судијката и обвинителката од незадоволните кои тие во вонсудската постапка нема да ги амнестираат, Ременски рече дека тоа прашање е за МВР.

    На наше прашање, пак, до другата копретседавачка на телото Емилија Александрова, што ако Рускоска и Кацарска одлучат дека никој од обвинетите не треба да бидат амнестиран и им ја расипат математиката на пратениците, таа одговори: „Се надевам дека обвинителството и судот нема да имаат пречки да постапат по законот“.

    А законот за амнестија е усогласен и тој ќе се изгласа во следниве денови. Според тој закон нема да може да бидат амнестирани:

    • организаторите и подготвувачите на нападот на Собранието за кои има основани сомневања
    • лицата кои извршиле физичко насилство
    • лицата под фантомки
    • лица кои носеле оружје и експлозивни материи
    • службени лица кои ги пречекориле своите овластувања

    Барањата обвинетите ќе може да ги поднесат во рок од 5 дена по носењето на законот.

    Некои од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста или од оние досега осудените, чии пресуди уште не се правосилни, може и да не поднесат барање за помилување и да останат до крај во понатамошна судска постапка која ќе продолжи.

    На новинарско прашање дали обвинетите всушност се уценети со поднесувањето барање да си признаат вина, пред да заврши судскиот процес или жалбената постапка за веќе осудените, Ременски и Александрова рекоа дека останува нивниот избор да не поднесат барање и да останат во процесот да ја докажуваат својата невиност.

    На прашање дали некаде во светот има друг ваков пример на селективна амнестија по политички диктат, двете не знаеја да посочат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира