ЗА ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД СМЕНА ВО МВР, НАЧАЛНИЦИТЕ СТАНАЛЕ ИСТРАЖИТЕЛИ КАЈ ЗВРЛЕСКИ

    ЗА ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД СМЕНА ВО МВР, НАЧАЛНИЦИТЕ СТАНАЛЕ ИСТРАЖИТЕЛИ КАЈ ЗВРЛЕСКИ

    Четирите претставници на партиите што преговараа за остварување на ланскиот договор од Пржино два дена се расправале само за именувањето и разрешувањето на раководните функционери во МВР, дознаваме од извори во преговарачките тимови.

    За да не може новиот министер за внатрешни работи во пржинската влада да ги смени раководителите во МВР, нив Јавното обвинителство на Марко Зврлески ги именувало за истражители. На пример, додека траеја преговорите за истражител бил именуван и началникот на СВР Скопје.

    Со овој маневар ВМРО-ДПМНЕ сакала да ги заштити неколкуте кадри од смена кога ќе дојде новиот министер на функција. Тие немаше да можат да бидат сменети оти работат за Јавното обвинителство, ако останеше постојниот закон во сила.

    Но, со договорот постигнат вчера сите решенија за назначувања за истражители во Јавното обвинителство кои им биле дадени на носители на раководни позиции во МВР ќе бидат поништени. Исто така до завршување на изборниот процес нема да бидат давани нови решенија за извршители.

    За истражители кај Марко Зврлески биле назначени неколку шефови на главните сектори во МВР. Не е спорно што за извршители биле именувани припадници на МВР, туку тоа што тоа биле началници и други раководители, со цел да не можат да бидат сменети.

    Во договорот што се постигна вчера предвидено е примената на Законот за внатрешни работи да се одложи до 1 јануари 2017 година. Според договореното, со закон ќе се ограничи бројот на назначувања на раководни функции во Министерството за внатрешни работи на 15 назначувања.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари