ЗА ДОКТОРИТЕ НА КЛИНИЧКИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ОД 5 ДО 10 ОТСТО, А ЗА СЕСТРИТЕ И БОЛНИЧАРИТЕ 8 ОТСТО

    ЗА ДОКТОРИТЕ НА КЛИНИЧКИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ОД 5 ДО 10 ОТСТО, А ЗА СЕСТРИТЕ И БОЛНИЧАРИТЕ 8 ОТСТОПретседателот на Самостојниот синдикат на вработените во клиничките центри Горан Беговиќ вели дека се охрабрени од најавата на премиерот Зоран Заев дека од април следната година повторно ќе добијат покачување, доколку продолжи растот на економијата (Фото:СДК.МК)

    На денешните преговори меѓу Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар и министерот за здравство Венко Филипче било договорено со јануарската плата да има покачување за докторите од 5 до 10 отсто, а за медицинските сестри, акушеркки, лаборанти, рендген техничари, болничари, транспортери и останат персонал покачување од 8 отсто.

    Претседателот на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар д-р Горан Беговиќ вели дека дека се задоволни од постигнатиот договор, односно дека договориле лекарите специјалисти и универзитетски професори да добијат покачување на платите од 10 отсто, а докторите по општа медицина и докторите кои се на државна специјализација и се вработени на клиниките да добијат покачување на платите од 5 отсто.

    Покачување од 5 отсто ќе добијат и здравствените соработници меѓу кои спаѓаат психолози, логопеди, биолози и дефектолози.

    „За здравствените работници со средно и високо образование, во кои спаѓаат медицински сестри, лаборанти, акушерки, радиолошки техничари договорено е покачување од 8 отсто, а 8 отсто зголемување на платите ќе има и за болничарите, транспортерите и останат помошен персонал. Административните работници покачување на платите од пет отсто ќе добијат во септември. Договоривме нашата администрација да остане во рамки на клиниките, бидејќи се обучени да работат според дијагностичко-сродните групи“, вели Беговиќ.

    Тој вели дека се охрабрени од најавата на премиерот Зоран Заев дека може да очекуваат ново зголемување на платите од април, доколку продолжи растот на економијата.

    На вчерашните преговори пак со Гранковиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита било договорено докторите да добијат покачување на платите од 10 отсто, а медицинските сестри 5 отсто.

    Министерството за здравство соопшти дека оваа година ја завршува со успешни преговори и со двата синдикати и дека 2019 година ја почнуваат со зголемување на платите и на лекарите и на медицинските сестри.

    „Министерството за здравство е во постојана комуникација со синдикатите, а идната година продолжуваме со интензивна соработка. Задоволен здравствен работник значи успешно здравство. Правиме сѐ што е во интерес на граѓаните и пациентите“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира