ЗА ДВА И ПОЛ ПАТИ ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ВО СПОРЕДБА СО ЛАНИ, ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ПОМАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈА

    ЗА ДВА И ПОЛ ПАТИ ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ВО СПОРЕДБА СО ЛАНИ, ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ ЗА ПОМАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈАВо сезоната 2021/2022 вкупниот број на заболени изнесува 643,  2,5 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона (259) и 2,1% помалку во однос на типичната сезонска крива (445). (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изминатиов период се зголемува бројот на заболени од сезонски грип, но со негативни ковид тестови, реагираат матичните лекари, додека епидемиолозите велат дека баш сега е сезона на грипот.

    „Последниве десетина дена, ординациите ни се полни со граѓани кои имаат по еден ден висока температура, 39-40 степени, и кои прават и брзи и ПЦР тестови и добиваат негативни резултати за ковид-19. Симптомите се исти на ковид и на грип и затоа апелираме на голема совесност кај граѓаните, кои и покрај негативните тестови не треба да се мешаат во големи групи луѓе“, ни рекоа неколку матични лекари од Скопје.

    Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) д-р Шабан Мемети вели дека имаме мешана ситуација на ковид и грип, но сезона му е на грипот.

    „Она што треба да се внимава, особено кај повозрасната популација, кај лицата со коморбидитети, е да се им се прави многу внимателна анкета за симптомите, и ако нешто им е сомнително, тие да се тестираат на ковид-19. Матичните лекари треба да бидат многу внимателни во давањето на дијагнозата. Исто така апелирам, бидејќи има застој во вакцинацијата, граѓаните да се вакцинираат и против грип и против ковид“, ни рече д-р Мемети.

    Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, вели ИЈЗ. За сезоната 2021/2022, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 20.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од ПИВИ.

    Во Македонија досега против грип вакцинирани се вкупно 47.978 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

    Според последниот извештај на ИЈЗ, од 6 до 12 декември во земјава пријавени се 134 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип. Бројот на регистрирани случаи во 49. недела е зголемен во споредба со минатата сезона (кога бил 41) и на исто ниво во споредба со типичната сезонска крива (113). Заболените се пријавени од шест Центри за јавно здравје: во Дебар – 58, во Гостивар – 31, во Охрид – 17, во Тетово – 16, во Куманово – 10 и во Прилеп – 2.

    Од пријавените, 62 лица се на возраст од 15-64 години, 36 се деца на возраст од 5-14 години, 27 се деца на возраст од 0-4 години и 9 лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (26,0/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.

    Во сезоната 2021/2022 вкупниот број на заболени изнесува 643,  2,5 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона (259) и 2,1% помалку во однос на типичната сезонска крива (445). Кумулативно, заболените се пријавени од десет центри за јавно здравје.  Најголем број на заболени лица (277) и највисока кумулативна инциденца (982,6/100.000) е регистрирана на територијата на Дебар.

    Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 304 случаи (47,3%), а највисока инциденца (159,6/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години (166).

    Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2021/2022 започна на 12.11.2021 и според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 44.374 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. Дополнителни комерцијални 11.900 вакцини се набавени од Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во овие групи.

    Со комерцијалните вакцини вакцинирани се 3.604 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст од 30-64 години – 2.210 лица или 61,3%, на возраст над 65 години – 1.124 лица или 31,2%, додека на возраст од 15-29 години се вкупно 125 или 3,5%, на возраст од 5-14 години се 24 или 0,7% и од возрасната група од 0-4 години вакцинирани се 2 деца или 0,1%. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 119 лица. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 1.109 лица (30,8%) се со историја на хронични заболувања.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира