Во моментов земјава располага со 4 хеликоптери, ниту еден „ер трактор“ за справување со пожари, но имаме и голем недостиг на пожарникари, рече денеска Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК). На прес-конференцијата Ангелов говореше за вкупниот број на расположливи противпожарни ресурси на територијата на државата, со оглед на високите температури кои ќе придонесат за сушење на вегетацијата и пожари.
Од четирите хеликоптери, 3 се на Министерството за внатрешни работи (МВР) и еден е на Армијата. Армискиот хеликоптер е доста зафатен, рече Ангелов, но во сериозна ситуација би можело да се смета на него.
„До овој момент, не се функционални ‘ер тракторите’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), бидејќи двајца пилоти се во пензија, а Дирекцијата не смее да лета со еден пилот. И покрај напорите на директорот, овој проблем веќе 2-3 месеци не е надминат, Владата во заминување на ниту една седница не даде дозвола овие двајца пензионирани пилоти да бидат ангажирани со договор на дело. Верувам дека новата Влада на една од првите седници ќе најде решение за овој проблем“, кажа Ангелов.
„Денес сме недоволни подготвени, но за 10 дена ќе бидеме целосно спремни да се справиме со пожарите“, додаде тој.
- ПЕНЗИОНИРАНИ ПИЛОТИ ЌЕ ГИ ВОЗАТ АВИОНИТЕ ЗА ГАСЕЊЕ ПОЖАР, НО ПО ИЗБОРИТЕ ОТИ ДОТОГАШ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СКЛУЧИ ДОГОВОР ЗА ХОНОРАР
- ДВАЈЦА ОД ТРОЈЦАТА ПИЛОТИ НА АВИОНИТЕ ЗА ГАСЕЊЕ ПОЖАР ЗАМИНАА ВО ПЕНЗИЈА, НОВИ ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ ПО ИЗБОРИТЕ
Директорот потенцираше дека во земјава има 938 пожарникари, а недостасуваат уште 670. Просечната возраст на пожарникарите е 42,5 години.
„Најалармантна е состојбата во Скопската противпожарна бригада. Не се ни усудувам да кажам колку пожарникари им фалат, а имаат многу работа, и во урбани средини и во приградските населби“, рече Ангелов и додаде: „Апелирам до сите градоначалници, кога се примаат пожарникари, да вработуваат млади и здрави лица, а не на 40, 50 години со здравствени проблеми“.
Тој како и претходно во неколку наврати апелираше до градоначалниците да не бараат поддршка од „ер тракторите“ за секој пожар.
„Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна подршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности. Пожари не се гаснат од воздух со ‘ер трактори’ и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма. ЦУК ја проценува неопходноста од употреба на воздухоплови, а доколку се употребат ги координира“, рече Ангелов.
Б. НЕСТОРОСКА