ЗА ИЗБОР НА ЛЕКАР-СПЕЦИЈАЛИСТ ШТО ЌЕ ГО ЛЕКУВА ПОПЛАДНЕ ПАЦИЕНТОТ ЌЕ ПЛАЌА САМО ЗА ТИМОТ, А ЗДРАВСТВЕНАТА УСЛУГА ЌЕ ЈА ПЛАЌА ДРЖАВАТА

    ЗА ИЗБОР НА ЛЕКАР-СПЕЦИЈАЛИСТ ШТО ЌЕ ГО ЛЕКУВА ПОПЛАДНЕ ПАЦИЕНТОТ ЌЕ ПЛАЌА САМО ЗА ТИМОТ, А ЗДРАВСТВЕНАТА УСЛУГА ЌЕ ЈА ПЛАЌА ДРЖАВАТАДосега, иако имаа важечко здравствено осигурување, за да изберат лекар кај кого ќе одат попладне требаше да плаќаат како приватни пациенти. (Фото: СДК.МК)

    Осигурувањето од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе важи при избор на лекар-специјалист или тим кај кој граѓаните ќе изберат да се прегледаат или лекуваат, а здравствената услуга ќе ја добијат во попладневните часови. Ова е предвидено со измените на Законот за здравствена заштита усвоен неделава во Собранието. Досега, осигурениците на ФЗОМ иако имаа важечко осигурување, за да изберат лекар кај кого ќе одат попладне требаше да плаќаат како приватни пациенти.

    Лекарите велат дека со ова се подобруваат условите за вршење дополнителна дејност, бидејќи со законските измени е предвидено здравствената услуга во болницата или клиниката да ја плати Фондот, а пациентот ќе плати само за изборот на тим или лекар по ценовник што ќе го утврди секоја здравствена установа, а ќе го одобри Министерството за здравство. Според нив, поради високите суми што се барале од пациентите, само мал дел можеле тоа да си го дозволат.

    „Измените во делот на дополнителната дејност се значајна стимулација за лекарите специјалисти, пред сè за врвните експерти. Сметам дека тоа ќе биде мерка со која точно ќе се разграничи нивото на квалитет и експертиза и ќе биде уште еден механизам за дополнителна заработка на сите кои што работат во јавното здравство. Тука не мислам само на лекарите, бидејќи во тимот учествуваат и медицински сестри, болничари и административен персонал“, рече министерот за здравство Венко Филипче, по усвојување на измените на Законот за здравствена заштита.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира