ЗА ЛЕК ИЛИ ЗА ПЛОМБА НА ЗАБ НА ДОЖИВОТНО ОСУДЕН ЗАТВОРЕНИК, „ИДРИЗОВО“ ТРОШИ ПО 1.500 ЕВРА

    ЗА ЛЕК ИЛИ ЗА ПЛОМБА НА ЗАБ НА ДОЖИВОТНО ОСУДЕН ЗАТВОРЕНИК, „ИДРИЗОВО“ ТРОШИ ПО 1.500 ЕВРАМесто да се средат затворите, се амнестираат осудени криминалци за политички поени пред избори. (Фото: СДК.МК)

    Проблемите да не се туркаат под тепих и итно да се изгради амбуланта во затворот „Идризово“, во која ќе има функционална и стоматолошката ординација, бара директорот на најголемиот затвор Зоран Јовановски.

    „За едно ставање лек на заб на осудено лице на доживотен затвор, или за пломба на заб, плаќаме по 1.500 евра. Мора најмалку 20 специјалци за спровод на доживотен затвореник до Скопје, зашто овдешната стоматолошката амбуланта не е функционална. Еднаш стоматолошкиот стол се расипал, другпат лекарката отишла на боледување, проблемот мора да се реши итно, зашто затворот плаќа големи трошоци и за само еден расипан заб“, алармира директорот.

    Додатно, тој бара доизградба и екипирање и на општата амбуланта, каде една лекарка во една смена и со само една медицинска сестра, не може да постаса со прегледи.

    „Мора да се обезбедат пари за да се купи еден ЕКГ-апарат. Зошто да не им се прават редовни прегледи на осудените лица? Патем ќе може да се види и кој лаже и глуми дека има проблем со срцето, а кој навистина е болен. Затворот троши многу пари и за спровод на осудени лица кои се жалат на проблеми со срцето, а по прегледот на клиника, се утврдува дека не им е ништо. И најважно, со тоа ЕКГ ќе може да бидат под постојан надзор неколку (повозрасни) осуденици кои имаат навистина сериозни проблеми со срцето“, бара разбирање директорот Јовановски од министерот за правда Кренар Лога и од Владата.

    Тој вели дека со заштедените пари ќе може да се купат униформи на затворската полиција, која 11 години нема добиено нова униформа.

    Во меѓувреме, место да се решаваат овие проблеми во затворите, Министерството за правда и Владата денеска во Собранието го поднеле Предлог-законот за амнестија на осудени лица, загрозувајќи ја безбедноста и имотот на граѓаните со пуштањето на слобода на дел од осудените лица (сторители на кражби, на разбојништва, на помагачи во вршење кривични дела, на т.н. рекетари и други).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира