Претседателот Стево Пендаровски е крајно непријатно изненаден од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според кого, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево, ќе биде „циркуски церемонијал“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Мицкоски денеска рече дека делегација на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на утрешната прослава на Илинден, во организација на Пендаровски. Мицкоски утре ќе го одбележи Илинден во струшкото село Ташмаруништа.
„Дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Пендаровски нема да биде делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски.
Од претседателскиот кабинет велат дека „не се памети, години наназад, дека некој наш политичар да искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата ‘Св. Никола‘“.
Од кабинетот на Пендаровски понатаму велат дека не изненадува одлуката на Мицкоски Илинден да го помине во Ташмаруништа.
„Имајќи го предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде ‘циркуски церемонијал’, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава“, велат од претседателскиот кабинет.
Претседателот Пендаровски завчера најави дека ја прекинува традицијата на Мечкин Камен политичари да држат говори на Илинден и годинава тој нема да држи говор, туку празникот ќе биде одбележан со културно-уметничка програма и ги покани сите политички лидери да присуствуваат на настанот.
- ПЕНДАРОВСКИ НА МЕЧКИН КАМЕН ЌЕ БИДЕ ВО ДРУШТВО СО ЗАЕВ, АХМЕТИ, СТЕВЧО, МОЖЕБИ И СЕЛА КОЈ Е ВО СТРАНСТВО, МИЦКОСКИ НЕ ДОАЃА
- ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРОСЛАВИ НА МЕЧКИН КАМЕН НИКОГАШ НЕ ПОМИНАЛЕ ДОБРО, ЗАТОА НЕМА ДА ИМАМ ГОВОР И ГИ ПОКАНИВ СИТЕ ЛИДЕРИ ДА ДОЈДАТ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ
„Претседателот Пендаровски жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата. Независно од тоа, Претседателот ќе продолжи да работи во иста насока, секогаш имајќи ги во преден план државните и национални интереси“, велат од неговиот кабинет.