ЗА НАБАВКИ ДО 1.000 ЕВРА НЕМА ДА ТРЕБА ТЕНДЕР, ПРЕДВИДУВА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

    ЗА НАБАВКИ ДО 1.000 ЕВРА НЕМА ДА ТРЕБА ТЕНДЕР, ПРЕДВИДУВА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ„Со новото законско решение при јавните набавки основен критериум нема да биде само најниската цена, туку и квалитетот“, кажа министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната јавна расправа за предлог законот за јавни набавки

    Со новиот предлог закон за јавни набавки, кој треба да биде донесен до октомври годинава, а да почне да се применува од јануари следната година, се подигаат праговите со кои за јавни набавки мора да се распише тендер. Контрола на јавните огласи ќе прави Бирото за јавни набавки, но не на секој оглас, туку на секој петти или десетти. Ова се дел од новините во новиот предлог закон за јавни набавки, за кој денес во Стопанската комора се одржа јавна расправа.

    Така ако досега за набавка на стоки и услуги прагот беше 500 евра, со новите законски решенија тој ќе биде 1.000 евра. Новиот праг за набавка на работи е 5.000 евра, а за социјални и други услуги е 10.000 евра.

    Ѓорѓи Георгиевски, директор на Биро за јавни набавки, кое го изготви новото законско решение согласно ЕУ директивите, рече дека прагот за задолжително објавување јавен оглас е подигнат на барање на бизнис заедницата.

    „Се подига прагот на јавни набавки и сега е 1.000 евра во класичниот сектор, додека 2.000 евра е во секторските дејности. Зголемувањата на праговите е на барање на бизнис заедницата. Со тоа ќе се олеснат малите набавки, ги олеснуваме прашањата на многу училишта и градинки, бидејќи имаат дефицит на кадар што работи во јавните набавки. Со зголемување на прагот на јавни набавки пак сме со најмал праг во регионот, односно немаме висок праг за да има опасност од зголемена корупција“, кажа Георгиевски.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски кажа дека донесувањето на овој закон е дел од програмата за управување со јавните финансии 2018-2021 година и дека стратегијата ха работеле заедно со. Оваа стратегија ја работеле заедно со ЕУ. Тој кажа дека јавни расправи за новото законско решение планирано е да се одржат и во Штип и Струга.

    „Со новиот закон треба да се зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време да ги направи поедноставни и полесни за имплементација. Се воведува задолжителна обврска за објавување на договорите и останатата документација од секоја поединечна јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот“, кажа Тевдовски.

    Тој кажа дека електронските аукции со новото законско решение нема да бидат задолжителни, туку опционални и дека се стеснува употребата на негативните референци.

    „Се зголемуваат праговите за примена на законот и се разјаснува начинот на вршење на малите набавки. А, се воведува и обврска за известување за малите набавки. Се воведува електронски пазар на мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа“, рече Тевдовски.

    Во законот се воведува претходна контрола која ќе ја врши Бирото за јавни набавки. Георгивеки кажа дека по укинување на Советот за јавни набавки кон крајот на минатата година моментално не се прави претходна контрола пред да биде објавена набавката, а дека за постапките со преговарање со новите законски решенија таа обврска ќе ја преземе Бирото за јавни набавки.

    Тој кажа дека договорниот орган отсега ќе има поголема одговорност и дека нивната работа ќе ја контролира Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија, а со проектот што го работат Светската банка во електронскиот систем на јавни набавки ќе се вградат црвени знаменца, кои ќе бидат индикатори и показатели на корупција.

    „Во моментот никој не врши контрола на јавните набавки и знаете дека Советот за јавни набавки досега не остави добар впечаток во работењето освен во постапката со преговарање. Оваа обврска за контрола со новите законски измени ќе ја земе Бирото за јавни набавки, но не за секоја набавка. Не сакаме да ја направиме грешката со Советот за јавни набавки. Тоа ќе си оди системски и ќе биде добро решение. Системот ќе одреди заедно со показателите со црвени знаменца или на секој петти или десетти оглас“, кажа Георгиевски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира