За 4,3 проценти е намален бројот на жртви на семејно насилство во 2022 во споредба со 2021, кажа денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Според податоците од 30-те центри за социјална работа, новоевидентирани жртви на семејно насилство за 2022 се 1.543 лица, од кои најголем дел се жени – 1.074, мажи – 252 и 227 деца. За споредба, во 2021, бројот на жртви на семејно насилство бил 1. 608.
Најголем број на жртви, има во Скопскиот Регион, односно 530 жртви, а најмалку во Североисточниот Регион, 60. По Скопскиот, најголем број жртви има во Пелагонискиот Регион, односно 241 жртва.
Најпријавувано е психолошкото насилство, потоа физичко насилство, има шест случаи на сексуално насилство, како и економско насилство.
„Во делот на типот на насилството најголем дел од жртвите биле жртви на психолошко насилство – 1.051 жртва, после психолошкото насилство доаѓа физичкото насилство со 846 жртви. Имаме пријава на сексуално насилство од страна на шест жртви и 25 жртви се жртви на економското насилство“, кажа министерката.
Како сторители на семејно насилство се евидентирани 1.382 лица, од кои најголем дел се мажи, односно 1.258, а 114 се жени.
Од центрите за социјална работа до граѓанските судови се поднесени 2.095 барања за привремени мерки за заштита на жртвите на насилство, а од граѓанските судови се изречени 1.823 привремени мерки за заштита.
„Во сите плански региони имаме отворени советувалишта за жртви на насилство, имаме отворено советувалиште за насилници и имаме отворено шелтер центри за сместување на жртви на насилство. Во 2022 година имаме 83 жртви коишто се сместени во шелтер центри во државата“, додаде Тренчевска.
Б. НЕСТОРОСКА