Обвинителството на Марко Зврлевски уште не ја завршило истрагата против напаѓачите на новинарите на А1.он Александар Тодески и Влатко Желчески, кои на 28 февруари беа брутално претепани од учесници во протестите на „За заедничка Македонија“. Напаѓачите беа фатени и од фотоапратите и од камерите на Порта Македонија, но и покрај тоа овој случај не се затвора. Обвиненија за напаѓачите сè уште нема.
„Истрагата е во тек, се работи на расветлување на случајот“, ни изјавија од Државното обвинителство за овој случај, во кој демонстрантите вториот ден откако почнаа протестите, им ги раскрвареа главите на двајцата новинари, а им ја искршија и камерата.
„Учесниците во протестите за заедничка Македонија имаа 60 дена перфектно мирни протести. Затоа што 60 дена едно цвеќе не е згазено“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за ТВ Телма, прашан од водителот зошто специјалците тепаат студенти и учесници во Шарената револуција, а мирни протести на СДСМ обезбедуваат со водени топови и најсилна полициска формација, за разлика од протестите на „заедничка Македонија“, каде полициското обезбедување е невидливо.
Новинарот Тодески потврди дека ништо не се случува во врска со потрагата по напаѓачите.
„Јас и колегата Желчески ниту еднаш не сме викнати во Обвинителството. Изјава имаме дадено тогаш кога се случи нападот, во полициска станица Кисела Вода, и толку. Пред околу еден месец го контактиравме полицискиот инспектор. Ни рече фотографиите и доказите ги пратиле до обвинителството и оти се трудат да го идентификуваат и вториот напаѓач.“, ни изјави колегата Тодевски.
Два дена пред нападот на новинарската екипа на мирните протести што на 27 април кулминираа со организиран наапад на Собранието и обид за убиство на пратеници од парламентарното мнозинство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју на ТВ Сител изјави: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот…“
С. К. ДЕЛЕВСКА