ЗА НЕКОИ РАБОТИ КАКО ШТО СЕ ИДЕНТИТЕТОТ И ЈАЗИКОТ НИКАДЕ ВО СВЕТОТ НЕ СЕ ПРЕГОВАРА, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ЗА НЕКОИ РАБОТИ КАКО ШТО СЕ ИДЕНТИТЕТОТ И ЈАЗИКОТ НИКАДЕ ВО СВЕТОТ НЕ СЕ ПРЕГОВАРА, РЕЧЕ ЗАЕВЗаев денеска повтори дека постои можност земјава да не добие прва меѓувладина конференција со ЕУ поради блокадата од Бугарија. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев иако е оптимист за наоѓање решенија во спорот со Бугарија, не ја исклучува можноста Македонија да не добие прва меѓувладина конференција со Европската унија. Тој денеска на прес-конференцијата во Владата за доделување финансиската поддршка на 400 компании од третиот пакет на економски мерки, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека има работи за кои никаде во светот не се преговара.

    „Преку оптимизам испраќаме порака дека правиме сè за да постигнеме решение. Јас сум истиот тој што пред месец дена на празникот 11 Октомври го запознав народот дека е можно да немаме решение односно дека е можно да не се одржи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Правиме напори до последен момент, ќе дадеме сè што може од наша страна како енергија, памет и мудрост, но знаете дека има работи за кои никаде во светот не се преговара. Тоа го сфаќа и бугарската страна, сфаќа дека нашиот идентитет и нашиот македонски јазик се наше чувство и право, државите не преговараат за оваа работа. Ние продолжуваме да изнаоѓаме решение кое секако би било прифатливо за двете страни, но дефинитивно стојам и денеска на тоа дека постои можност да не добиеме прва меѓувладина конференција со ЕУ“, изјави Заев.

    Бугарија на состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР), одржан на 6 ноември одби да даде поддршка за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Македонија. Со тоа го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство, кој вели дека Бугарија треба да ја поддржува Северна Македонија на патот кон ЕУ.

    Состанокот на Советот за општи работи на министрите на ЕУ (ГАК) на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори, ќе се одржи на 17 ноември.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира