ЗА ПЦР ТЕСТОВИ ГРАЃАНИТЕ ДОСЕГА ПЛАТИЛЕ 18,6 МИЛИОНИ ЕВРА НА ПРИВАТНО ОТИ НЕ БИЛЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ДОВОЛНО ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ НА ДРЖАВНО, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    ЗА ПЦР ТЕСТОВИ ГРАЃАНИТЕ ДОСЕГА ПЛАТИЛЕ 18,6 МИЛИОНИ ЕВРА НА ПРИВАТНО ОТИ НЕ БИЛЕ ОБЕЗБЕДЕНИ ДОВОЛНО ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ НА ДРЖАВНО, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОРОд март 2020 до март 2022, во приватно здравство биле направени над 800.000 ПЦР тестови, а во јавно здравство над 500.000. (Фото: К. Попов)

    Во услови на пандемија, поради необезбедување на повеќе термини во јавните и несклучени договори со приватните здравствени установи (ЈЗУ и ПЗУ) за дијагностицирање ковид-19, не биле обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот, вели конечниот ревизорски извештај за Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) објавен од Државниот завод за ревизија.
    Според податоците од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата во државата извршени се вкупно 1.962.489 тестови во 33 лаборатории ПЗУ и ЈЗУ, од кои 1.337.238 се ПЦР тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови. Според објавените податоци за периодот од март 2020 до истиот месец 2022, во приватно здравство биле направени над 800.000 ПЦР тестови, а во јавно здравство над 500.000.

    „Бројот на направените тестови и висината на цената на овие услуги во приватните лаборатории во различни периоди укажува на одлив на финансиски средства на граѓаните во приватното здравство. Сметано по најниската наплатена цена, според јавно достапни информации, од 1.400 денари и 819.240 тестови направени во ПЗУ за две години, станува збор за износ не помал од 18,6 милиони евра, неземајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест“, се вели во извештајот.

    Поради пандемијата во 2021, 106 од вкупно 116 јавни здравствени установи добиле статус на неодржливи поради реализиран помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок.

    Државниот ревизор констатирал и дека постои нерамномерен сооднос при вршењето на кардиоваскуларно – хируршки здравствени услуги во 2019 и 2020 меѓу јавните и приватните здравствени установи. Имено, Фондот има склучено договори со три ЈЗУ и две ПЗУ за што се исплатени 1.254.330 илјади денари од кои 95% од услугите се вршат на приватно. Најголем дел од услугите во ЈЗУ се извршени од Клиниката за државна кардиохирургија која иако располага со квалификуван кадар, ги нема потребните просторни услови, што неповолно влијае на обемот на вршењето на здравствената дејност.

    Ревизорите нагласуваат дека е неопходно Министерството за здравство да преземе активности за обезбедување на потребните услови за да се постигне поголема конкурентност на јавното здравство во вршење на кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги. Обемот на извршени услуги во ЈЗУ е значително помал од договорениот надоместок што им го исплатува Фондот.

    Поради здравствената криза во 2020 бројот на теренски контроли кај здравствените установи е намален за 74% со што се зголемува ризикот од признавање и плаќање на здравствени услуги во вид и обем различен од реално извршениот. Во 2020 биле извршени 83 контроли кај здравствени установи, наспроти 472 во 2019. Најмал број контроли биле извршени кај болниците чии договорни надоместоци се највисоки, а кај истите се утврдени неправилности во 85% случаи.

    „Во постапките за упатување за лекување во странство на осигурените лица не е обезбедена соодветна правна заштита и контрола, ниту пак систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето. Фондот има евидентирано аванси за лекување во странство дадени на странски здравствени установи во износ од 209.772 илјади денари, за кои нема точни информации за статусот на лекувањата поради необезбедена документација“, вели извештајот на Државниот завод за ревизија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира