ЗА ЗЕМЕН БРЗ КРЕДИТ ОД 9.000 ДЕНАРИ ГРАЃАНИН ВРАТИЛ 75.772 ДЕНАРИ, ОМБУДСМАНОТ ЗИБЕРИ БАРА МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ ИТНО ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕ

    ЗА ЗЕМЕН БРЗ КРЕДИТ ОД 9.000 ДЕНАРИ ГРАЃАНИН ВРАТИЛ 75.772 ДЕНАРИ, ОМБУДСМАНОТ ЗИБЕРИ БАРА МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ ИТНО ДА ГИ ЗАШТИТИ ГРАЃАНИТЕГраѓаните се жртви на невиден грабеж, враќаат и до осум пати повисока сума од долгот, предупредува Зибери. (Фото:СДК.МК)

    За земен брз кредит од 9.000 денари, граѓанин, кој поднел претставка кај Народниот правобранител, бил принуден да плати сума за осум пати поголема од главниот долг.

    „За да има јавноста јасна претстава за што зборувам ќе илустрирам со еден пример.   Земен кредит од  9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите,  не се наплатува камата, меѓутоа  се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари,  за  надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за   пратената опомена од 5.900 денари,  долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главниот долг“, предупреди денеска Народниот правобранител Насер Зибери на презентацијата на Годишниот извештај за работата на Омбудсманот, кој изобилува со тешко кршење на правата на граѓаните и на правата на детето особено, во сите области во општеството.

    Тој го повика Министерството за финансии итно да иницира законски измени за да ги заштити граѓаните од овој грабеж и од ваквото должничко ропство.

    „Бидејќи со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долгови, барам веднаш да се  пристапи кон нејзина измена со цел граѓаните при враќањето на кредитите да не бидат повеќекратно оштетени“, рече Зибери.

    Него го загрижува многу оваа масовна појава, за која нема директна надлежност, а граѓаните поднесуваат претставки.

    „Сите сме сведоци на би рекол агресивните реклами за брзи кредити без камати, кои ги нудат голем број финансиски друштва низ Републиката, со процедура за нивно добивање која се одвива дури и по електронски пат, со давање кредит за затварање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а со отсуство на ефикасна контрола и надзор на нивното работење како и околноста што во законот што ја регулира оваа материја, не постои ограничување на вкупните трошоци, надоместоците и провизиите на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва, ниту обврска задолжително јавно да го објавуваат тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или на видно место во работните простории“, реагираше Омбудсманот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира