ЗАЕВ ДА НÈ ПРЕСЕЛИ ПОБРЗО ОТИ НЕ СМЕ БЕЗБЕДНИ, АПЕЛИРААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВ

    ЗАЕВ ДА НÈ ПРЕСЕЛИ ПОБРЗО ОТИ НЕ СМЕ БЕЗБЕДНИ, АПЕЛИРААТ ВРАБОТЕНИТЕ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВДржавниот архив беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј пред две години. Оттогаш при секој дожд вода прокиснува од сите страни, па низ канцелариите и ходниците стојат кофи, а за да се заштити архивската документација се преместува од една просторија во друга.(Фото: Фејсбук/СДК.МК)

    Вработените во Државниот архив на Македонија испратија петиција до премиерот Зоран Заев, во која бараат Архивот да биде вратен што поскоро во старата зграда, сместена во комплексот кај Македонскара академија на науките и уметностите, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ , Институт за национална историја, Институт за македонски јазик и Институт за старословенски јазик.

    Во петицијата, која е потпишана од сите вработени и плус вработените од Институтот за национална историја, се бара итно враќање и без одложуавње да се обезбедат хумани услови за работа на архивистите и соодветни услови за чување на јавниот архивски материјал.

    Државниот архив беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј која чини 42 милиони евра, пред две години. Оттогаш при секој дожд просториите на Архивот кои се наоѓаат на шестиот и седмиот спрат во зградата се поплавуваат. Вода прокиснува од сите страни, па низ канцелариите и ходниците стојат кофи, а за да се заштити архивската документација се преместува од една просторија во друга

    Во дел од стариот објект остана да функционира Институтот за национална историја, додека просториите на Државниот архив на Република Македонија му беа доделени на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

    Државниот архив е формиран во 1951 година и функционира како самостоен орган на државна управа со централен дел и 9 подрачни одделенија кои во целост ја покриваат територијата на Македонија во поглед на архивското работење. Во 1969 година тој добива наменска зграда со специјализирано депо.

    Во Архивот се чува архивскиот материјал создаден од највисоките државни органи и јавни институции (Претседател на РМ, Собрание, Влада, министерства, државни комисии, државни агенции, општини, јавни образовни институции и др.), се чуваат фондови од сите општествени дејности (стопанство, образование, култура, спорт), како и огромна колекција лични фондови од познати јавни личности од доменот на политиката, науката, културата, уметноста, спортот.

    Во депото на централното одделение на Државниот архив се чуваат 1.387 фондови, 10.717 архивски книги и 28 збирки на документи 35.555 архивски кутии, 23.000 класери. Според последните податоци во Архивот се чуваат над 70.000.000 документи или околу 5 км должински траен архивски материјал.

    Најстариот документ што се чува во Државниот архив потекнува од 12-тиот век. Во депоата на деветте подрачни одделенија на Државниот архив се чуваат 13 км должински од општините и јавните институции кои се во надлежност на локалната самоуправа.

    Во петицијата се наведени повеќе причини зошто треба Државниот архив треба да биде вратен во својата наменска зграда:

    Несоодветни услови за користење на архивскиот материјал
    Во актуелниот простор, корисниците мора да чекаат повеќе денови за да ги користат побараните фондови, кои сеуште се сместени во старото депо, а самата читална преставува еден мал недоволно осветлен и непрегледен простор во кој речиси и не доаѓаат истражувачи поради несоодветните услови за користење на документите.

    За илустрација, во старата читална на Државниот архив на Република Македонија секоја година се регистрираа над 2.000 посети на корисници на архивски материјал. Со доаѓањето во новите простории бројот драстично падна на 200 корисници и секоја година се намалува, па така оваа година во полугодишниот извештај се регистрирани едвај 50 корисници на овој значаен граѓански сервис.

    Несоодветни услови за работа со архивски документи
    Во актуелните административни простории не постојат елементарни услови за работа на архивистите, кои средуваат документација стара и по стотици години во распространување на штетните честички од воздухот низ сите работни простории.

    Актуелниот простор нема пожарни скали за евакуација на вработените и на корисниците во случај на пожар, поплава, земјотрес и сл. Освен тоа, близината на реката Вардар, што е спротивно на основното начело при изградба на архивски објекти, претставува дополнителна закана и проблем за функционалноста на инсталациите на Архивот. Одводните инсталации се наоѓаат под нивото на Вардар, што е пречка за нивното функционирање при поројни дождови, при зголемување на подземните води и при ниски температури.

    За илустрација, минатата година Архивот не работеше на неколку наврати поради поплавување на подрумските простории и на окната на лифтот, со што работните простории останаа без пристап, без струја, без вода, без санитарии и без неопходната вентилација. Инаку просторот е предвиден за работа на 60-тина вработени а во него работат 120.

    Супстандардно депо во новиот објект – магацински простор
    Стандардите кои се применуваат при изградба на архивско депо налагаат вакви објекти да не се градат покрај водени текови и сливни подрачја, низ салите во депото да не поминуваат водоводни и одводни инсталации, да постои систем за самостојно напојување со електрична енергија, кој надвор од работното време треба да биде исклучен поради безбедносни причини, да има имплементирано противпожарен систем, да има обезбедено контролирана температура и влажност на воздухот заради конзервација на документите, и да има обезбедено услови за брза евакуација на архивскиот материјал.

    За жал, актуелното депо е во целосна спротивност со горенаведените архивистички норми: се наоѓа во близина на вода, и повеќе наликува на огромен магацински простор од 1.700 квадратни метри, кој е сместен на 6-ти спрат и е отворен низ целата должина на зградата на Археолошки музеј, без да биде поделен на помали сали со заштитни комори за заштита од пожар.

    Низ самото депо поминуваат одводни и водоводни цевки, како и цевки под висок притисок за противпожарниот систем, кои што претставуваат ризик за поплавување на депото и за уништување на архивскиот материјал.

    Депото нема прозори, ниту вентилација со што е оневозможено природно проветрување на архивскиот материјал како основен предуслов за негова заштита од микроорганизми.

    Освен тоа, не се обезбедени микроклиматски услови за заштита на документите, ниту дополнителен излез за нивна евакуација во случај на природни катастрофи, воена или вонредна состојба.

    За илустрација, при топењето на снеговите и при поројните дождови, минатата година депото беше поплавено од неисправна атмосферска инсталација.

    Исто така, според светските стандарди депото не смее да биде сместено над административни простории, за да не се загрозат животите на вработените и на истражувачите поради константното зголемување на тежината во депото, што исто така не е испочитувано во актуелните простории на Архивот.

    Наспроти тоа, наменското депо во стариот објект на Архивот ги исполнува сите светски стандарди за чување на архивски материјал: депото претставува посебна зграда одвоена од административните простории, со независен извор на струја кој се исклучува по работното време за да се спречи евентуален пожар од електричната инсталација.
    Без документација нема нација“, завршува писмото од вработените.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари