Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека премиерот Зоран Заев ја искористил неговата изолација поради заразата со ковид и вчерашното гласање за доверба на Владата во Собранието си купил само броени денови за Владата. Во изјава за „Дојче Веле“, Мицкоски вели дека Заев продолжил да го прави она умее да го прави, а тоа е мафијашко византиство. Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници.
„Што се однесува до тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата, која што е на стаклени нозе и на апарати за дишење. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради заразата со Ковид вирус, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање на Владата. Прашањето за доверба наредно ќе го постави опозицијата, во моментот кога ќе осигура 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот каде сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа влада ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме денес. Заев сам беше принуден да го стави прашањето за доверба. Наредниот пат тоа ќе го направиме ние”, кажа Мицкоски за „Дојче Веле“.
Вчера, Заев усно го постави прашањето за доверба на Владата во Собранието и, според Деловникот, се гласаше на истата седница, без расправа од пратениците. „За“ гласаа 62 пратеника, колку што брои парламентарното мнозинство, а опозициските пратеници не беа во салата.
„Човекот продолжи да го прави тоа што умее, мафијашко византиство. И тука морам да сум искрен – не сум ниту изнeнаден, ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу бргу ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да кажам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето на доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување”, додаде Мицкоски за „Дојче Веле“.