ЗАЕВ ЈА ПРЕФРЛИ ТОПКАТА КАЈ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗОШТО ДОЦНА ПОБАРАЛЕ ПРИТВОР, НЕМА КОМЕНТАР КАКО ПОЛИЦИЈАТА ГО ИЗГУБИЛА МИЈАЛКОВ ОД ВИД

    ЗАЕВ ЈА ПРЕФРЛИ ТОПКАТА КАЈ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗОШТО ДОЦНА ПОБАРАЛЕ ПРИТВОР, НЕМА КОМЕНТАР КАКО ПОЛИЦИЈАТА ГО ИЗГУБИЛА МИЈАЛКОВ ОД ВИДПремиерот Зоран Заев утринава пред Основниот кривичен суд, каде што сведочеше во „Титаник“. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев по повод исчезнувањето на обвинетиот во „Тврдина-Таргет“ Сашо Мијалков за кого денеска ќе биде распишана меѓународна потерница, рече дека како и целиот народ и тој е разочаран, но топката ја префрли кај обвинителството, за кое рече дека доцна побарало мерка куќен притвор за ексдиректорот на УБК.

    Заев кажа дека ако е одговорноста во извршната власт, оставки секако ќе има, и тука ги наброја од директорите на БЈБ и АНБ и министерот за внатрешни работи до премиерот, односно до него.

    „Но, јас очекувам да се истражи целиот случај да се утврди каде е пропустот. За одговорноста во извршната власт немам дилема, ама ако излезе дека се одговорни другите институции во оваа постапка, како судот и обвинителството, очекувам и тоа како таму да има одговорност“, рече Заев, кој сè уште се надева дека исчезнатиот Мијалков ќе биде најден и ќе го прими решението за куќен притвор, по денешното сведочење во судот за предметот „Титаник“.

    На прашање зошто МВР до обидот за врачувањето на решението во преписки, за кои неофицијално дознаваме дека има докази, тврдело дека „тука е човекот“, а кога требало да се врачи решението го снемало Мијалков, Заев кажа дека не е тој личноста која треба да врши истрага за овие работи и повтори дека очекува Мијалков да биде најден. Но, тој додаде дека обвинителството е тоа кое бара и добива од мерки судот, односно поднесува предлог за притвор, а судот постапува, со забелешка дека предлогот и одлуката за притвор се донесени на крајот од викендот, односно синоќа во 21 часот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК од судски и обвинителски извори дознава дека предлогот за притвор не е поднесен толку доцна и дека судот за притвор одлучувал околу 16 часот, а за тоа време полицијата постојано го чувала Мијалков и испраќала известувања дека Мијалков е достапен.

    На новинарските забелешки дека МВР има обврска да ги чува лицата на кои им се заканува повисока затворска казна и се пред пресуда, како во случајов Мијалков, кому треба на 26 февруари да му биде изречена пресудата за „Тврдина-Таргет“, Заев одговори:

    „За да му ја ограничи слободата на едно лице полицијата треба да има судско решение. Полицијата обезбедува и набљудува објекти и субјекти од далечина сè дури нема решение за лишување од слобода за одредено лице“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира