ЗАЕВ ЌЕ ОДМOРА 4 ДЕНА ВО ОХРИД, МИНИСТРИТЕ ЌЕ КОРИСТАТ ПРОДОЛЖЕНИ ВИКЕНДИ ЗА НА МОРЕ

    ЗАЕВ ЌЕ ОДМOРА 4 ДЕНА ВО ОХРИД, МИНИСТРИТЕ ЌЕ КОРИСТАТ ПРОДОЛЖЕНИ ВИКЕНДИ ЗА НА МОРЕПремиерот Зоран Заев ќе оди на одмор по потпишувањето на договорот со Бугарија. - Заев со сопругата Зорица на приемот во Амбасадата на САД за 4 јули (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев и министрите годинава нема да имаат класични летни одмори. Речиси сите планираат да одмараат само неколку дена или да користат продолжени викенди. Заев, како што ни кажаа од владината прес служба, кон почетокот на месецов, откако ќе заврши потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и одбележувањето на 2 август, ќе замине со семејството во Охрид, каде најверојатно ќе остане 3-4 дена.

    Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на почетокот на август ќе летува во Грција.
    „После 1 август ќе одам десетина дена со семејството во Грција. Организирани сме во министерството за извршување на работните задачи, нема да има никаков застој на планираните задачи”, ни изјави Манчевски

    Вицепремиерот Бујар Османи ќе одмара за викенди на плажите во Албанија.
    „Со оглед на засилените активности при координацијата и надзорот на имплементацијата на планот 3-6-9, но и согласно набиената агенда на средби и посета, ова лето нема да користам годишен одмор во класична смисла онака како што сме навикнати секоја година да летуваме. Сепак, делумно согласно слободното време планираме да ги искористиме евентуалмите можности за неколку продолжени викенди најверојатно во Албанија”, вели Османи.

    Дел од министрите ни рекоа дека не знаат се уште каде ќе одат на одмор бидејќи годинава поради работни обврски летувањето ќе им се сведе на продолжени викенди.
    „Се уште не знам дали воопшто ќе одам на летен одмор. После 2 август ќе видам дале ќе заминам некаде, но тоа ќе биде само на неколку дена или викенд” вели министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

    Министерот без ресор Зоран Шапуриќ ќе го исористи првиот слободен викенд за одмор на планина во Банско, Бугарија.
    „Не летувам на море веќе 14 години. Покрај викенд во Банско доколку дозволат обврските ќе појдам и неколку дена во Охрид”, вели Шапуриќ.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски, исто така, уште го нема испланирано годишниот одмор поради работните обврски околу ребалансот на буџетот. Доколку замине некаде тоа ќе биде краток одмор после 6 август, не подолг од 5 работни денови.

    Од 9 до 13 август на краток летен одмор ќе замине и министерот за земјоделие Љупчо Николовски, но и тој не одлучил на кое туристичко место. Не одлучил каде ќе летува ни министерот за здравство Арбен Таравари, но како што ни рекоа од неговиот кабинет од 4 август ќе користи годишен одмор.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека се уште преговара со сопругата дали и каде ќе оди на летување. Министрката за труд и социјална политика Мила Царовска можеби воопшто нема да одмара летово.
    „Уште мислам дали ќе спојам неколку дена со викенд, заради син ми. Може да одлучам и да не одам. Ако одам неколку дена ќе биде некаде близу. Времето не притиска и сакам да испорачам што можам повеќе”, вели Царовска.

    Летен одмор годинава нема да користи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Поради работни обврски, меѓу кои е и организацијата на УЕФА Супер купот, министерот ќе остане цело лето во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира