ЗАЕВ НАЈАВИ ИМПИЧМЕНТ ЗА ИВАНОВ АКО РЕФЕРЕНДУМОТ БИДЕ ПОЗИТИВЕН, А НЕ ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈА

    ЗАЕВ НАЈАВИ ИМПИЧМЕНТ ЗА ИВАНОВ АКО РЕФЕРЕНДУМОТ БИДЕ ПОЗИТИВЕН, А НЕ ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈАГраѓаните се тие што ќе одлучат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење - Заев во глисерот со кој замина на потпишувањето на договорот со Грција во Преспа на 17 јуни - (Фото: Влада на РМ)

    Премиерот Зоран Заев најави дека парламентарното мнозинство ќе побара импичмент на претседателот Ѓорге Иванов доколку тој не го потпише договорот за името со Грција, ако граѓаните на референдум се изјаснат позитивно.

    Заев денеска гостувајќи во емисија на Канал 5 телевизија изјави дека ќе направи сè да ја спречи евентуалната блокада на Иванов на договорот за името.  Тој рече дека граѓаните се тие што ќе одлучат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење.

    „Парламентарното мнозинство ќе го зголемиме исклучиво за импичмент на претседателот. Заврши времето на пренамагање, на лажење, на лични калкулации и политички калкулантства. Македонија мора да излезе напред и конечно има шанса преку своите граѓани да одлучи каква иднина сака. Граѓаните ќе одлучат за тоа прашање. Ние сме тука да слушаме и да спроведуваме. Должност е на секој тоа да го овозможи. Тој што ќе се обиде тоа да го спречи, не се заканувам, јас сум многу реален и чесен човек, но ќе направам сè да ја спречам евентуалната блокада на правато на граѓаните да се изјаснат. Граѓаните ќе си ја донесат таа одлука и таа мора сите да ја испочитуваме“, рече Заев.

    Македонската и грчката влада предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици) го потпишаа договорот со кој, ако биде ратификуван во Парламентите на двете земји, ќе се реши 27-годишниот спор за името. Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас и посредникот на ОН Метју Нимиц.

    За утре во 11 часот е закажана пленарна седница на Собранието на која ќе се гласа за ратификација на договорот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира