Откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесе денеска барањето за гласање доверба на Владата во Собранието, премиерот Зоран Заев напиша на Фејсбук дека мнозинството граѓани, односно мнозинството од пратениците стојат зад него. Собранието ја закажа седницата за гласање доверба на Владата за четврток во 11 часот.
„За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници“, напиша Заев.
Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности, вели во продолжение тој.
Ова дефинитивно значи дека Заев нема намера да си дава оставка за да дојде ново парламентарно мнозинство. Тој на 31 октомври рече ќе си поднесе оставка од лидерската во СДСМ и од функцијата премиер, но за да дојде друг владин состав од истото мнозинство. Потоа кога опозицијата на чеко со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски почна да се групира за ново мнозинство за уривање на СДСМ и на ДУИ, двете партии сега се во напор за осигурување на ова мнозинство, заборавија на нови министри и на нов премиер од своите редови.
- ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА ВО СОБРАНИЕТО, ЗА НОВА ВЛАДА ИЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЌЕ РАЗГОВАРААТ ПО ЧЕТВРТОК
- ЗАЕВ ЗАСЕГА НЕ ДАВА ОСТАВКА, РЕЏЕПИ ОД АЛТЕРНАТИВА ИЗЛЕЗЕ ОД СПИСОКОТ НА МИЦКОСКИ, СЕГА СИЛИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ СЕ 60:60
Ова ќе биде вторпат во Парламентот да се гласа доверба на Владата на Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА