ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ МУ ГО ВРАЧИ МАНДАТОТ НА СПАСОВСКИ

    ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ МУ ГО ВРАЧИ МАНДАТОТ НА СПАСОВСКИДенеска во Собранието треба да биде констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, без расправа. - Заев на пратенички прашања во Собранието (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев поднесе оставка и таа набрзо треба да биде констатирана во Собранието, по што ќе следува избор на техничка влада за спроведување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

    Заев ја потврди оставката во гостување во „Утрински брифинг“.

    „Оставката треба во секој момент да пристигне во Собранието, каде што претседателот на Собранието го свикува Собранието во 11, 12 или 1 часот, тие кога ќе одлучат. По констатирањето на оставката за која не се расправа, веројатно следува пауза за да може новиот кандидат за премиер, господинот Оливер Спасовски да го добие мандатот и да ги достави предлозите до Собранието“, кажа Заев.

    Тој рече дека очекува изборот на техничка влада да помине глатко и нормално.

    Кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада, предводена од Оливер Спасовски, се Наќе Чулев за министер за внатрешни работи, Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјала, Цветан Трипуновски за заменик министер за земјоделие, Гордана Димитриеска Кочоска за заменичка министерка за финансии и Невенка Стаменковска Стојковски за заменичка министерка за информатичко општество и администрација.

    Досегашната министерка за труд и социјала Мила Царовска е кандидат за вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев.

    Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека денеска ќе му го врачи мандатот на Оливер Спасовски, а по завршувањето на седницата во Собранието за избор на техничката влада, Пендаровски ќе ги прими членовите на новиот владин состав.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира