ЗАЕВ ВЕТИ ДЕКА ДО 2025 ГОДИНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ИСЧИСТИ, ВМРО-ДПМНЕ НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЌЕ ГЛАСА ЗА ЗГОЛЕМЕНИТЕ КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ

    ЗАЕВ ВЕТИ ДЕКА ДО 2025 ГОДИНА МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ИСЧИСТИ, ВМРО-ДПМНЕ НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЌЕ ГЛАСА ЗА ЗГОЛЕМЕНИТЕ КАЗНИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕЗа измена на Законот за прекршоци потребно е двотретинско мнозинство, што ќе значи и поддршка од опозицијата. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев утринава како трет приоритет од иницијативата Европски стандарди дома, најави амбициозна Програмата за намалување на аерозагадувањето за следната година, но и проекти за почисто работење на термоелектраните, кои се најтешките загадувачи на природата.

    Најпрво тој кажа дека се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошките системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност и обновување на урбаното зеленило. Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси.

    „Од државниот буџет ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за дополнителни 5.000 домаќинства“, кажа Заев.

    Предложени се законски измени со кои до 20 пати се зголемуваат казните за прекршоци во животната средина. САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе гласа за предложените измени на Законот за прекршоци за кои е потребно двотретинско мнозинство, но одговор не добивме.

    Министерството за животна средина и просторно планирање работи на закон за формирање комунална полиција на локално ниво, со која досегашните комунални инспектори и екопатроли ќе можат заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности.

    „Идната година високо во приоритетите е да го зголемиме процентот на заштитени природни подрачја. Оваа година започна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел. Во 2021 година ќе продолжиме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк“, кажа Заев.

    Во истиот контекст 2021 е година ја најави како година на новата македонска енергетика, зашто мора да ги следиме трендовите и политиките на ЕУ во поглед на енергетската транзиција, според кои до 2050 година европскиот континент треба да има нула емисии од секторот енергетика.

    „Во 2021 година очекуваме реализација на проект со кој термоелектраната Осломеј ќе се замени со фотонапонска електрана. На местото на стариот рудник во РЕК Осломеј сега се градат капацитети за 10 мегавати, а ќе се изградат уште две фотонапонски електрани од по 50 MW. Проценетата инвестиција е околу 60 милиони евра. АД ТЕЦ Неготино распиша оглас за изработка на Физибилити студија и во првата половина на 2021 ќе се оцени дали ќе се гради нова гасна електрана на истата локација по моделот на јавно приватно партнерство или ќе се продава АД ТЕЦ Неготино. Можната инвестиција е од 200 до 500 милиони евра со нови стотина мегавати зелена енергија. Дополнително обезбедени се грант средства за физибилити студии за три нови фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 160 MW во РЕК Битола“, рече Заев.

    Во изминатата година успешно биле спроведени првите транспарентни постапки за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски електрани во вкупен инсталиран капацитет од 62,5 MW, од кои веќе неколку се пуштени во употреба. Во првиот квартал од 2021 ќе биде објавен нов тендер за дополнителни 60 MW фотонапонски електрани по истиот принцип. Инвестицијата е над 35 милиони евра.

    Во текот на 2021 ќе започне изградбата на втората фаза од ветерниот парк Богданци 2, со кој ќе се зголеми инсталираната моќност на постојниот ветерен парк Богданци за 13.8 MW. Проценетата инвестиција е 21 милион евра. Започнува реализацијата и на нови ветерни паркови во Богданци, Св. Николе, Демир Капија и во Дебрца. Идната година и официјално започнува проектот изградба на гасовод помеѓу Северна Македонија и Грција со кој ќе се обезбедат дополнителни количини на природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето. Ние обезбедуваме гас од Азербејџан.

    Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекти, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен во регионот. Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини.
    Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово.

    „Пред три дена заврши рокот за доставување понуди за огромниот проект за хидроцентралата Чебрен. После 11 години обиди на претходната власт кои пропаѓаа уште во фазата на распишување на тендерите, на нашиот јавен повик пристигнаа повеќе понуди, од кои 10 се од џиновски компании од Европа и Кина. Сега продолжува следната фаза за проектот вреден меѓу 600 и 800 милиони евра“, се пофали Заев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира