ЗАЕВ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ПОМОГНЕ ДА СЕ ДОГРАДИ ХОТЕЛОТ ВО ЛАГАДИН ШТО ПРЕКРШИ 12 ЗАКОНИ

Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    ЗАЕВ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ПОМОГНЕ ДА СЕ ДОГРАДИ ХОТЕЛОТ ВО ЛАГАДИН ШТО ПРЕКРШИ 12 ЗАКОНИЗаев им упати порака на општинските служби дека не смеат да одговараат „не може“, туку треба да на најдат начин да кажат „да“. - Зоран Заев; Хотелот во Лагадин (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев му вети на инвеститорот на хотелот во Лагадин што прекрши 12 закони дека ако треба лично ќе ја донесе Второстепената комисија и ќе го реши случајот, на трибина во Охрид. Инвеститорот Никола Толески на трибината му кажа на Заев дека сака да го догради објектот и ако може да ја фати сезоната. За хотелот, инвеститорот кажа дека е едно „обично објектче“ за семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани.

    Одобрението за градба на хотелот, кој почна да се гради на во 2016 година во време кога градоначалник беше Никола Бакрачески, е поништено од Општина Охрид, а против изградбата на хотелот, која е надвор од сите прописи за заштита на животната средина, се кренаа бројни здруженија во Охрид, а и самите жители на населбата во повеќе наврати, во знак на револт го блокираа патот Охрид-Пештани-Свети Наум. Барање за стопирање на градбата имаше и општинската организација на СДСМ со образложение дека се работи за градба во заштитен појас на помалку од 50 метри од брегот на природно езеро

    Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    Заев, обраќајќи се до општинските служби, рече дека дури и да има, како што кажа, правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, нивниот одговор не смее да биде „не може“ или „не бива“, туку треба да најдат начин одговорот да биде „да“.

    Против градбата на хотелот кој е во заштитено подрачје на самиот пат Охрид Свети Наум беа ангажирани повеќе граѓански протести и перформанси  (Фото: СДК.МК)

    Премиерот потврди дека разменил неколку пораки со инвеститорот и дека му дал насоки на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

    „Чичко Никола, за хотелот во Лагадин неколку пати пораки разменивме, насоки давав и на министерот, на Митко, шефот на кабинетот, и го знам проблемот. Неколку пати Транспорт и врски носи позитивна одлука, се враќа. Разговарав со покоен Јован, со секретарот на Општината, сега и со другите. Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. ‘Не бива’, не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба на објектот, ви е готов и при контрола вика не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај“, кажа Заев на трибината.

     Општинската организација на СДСМ во март 2017 година, кога партијата на Зоран Заев беше во опозиција побара „од локалната власт во Охрид предводена од неодговорни политичари, веднаш да престане да го уништува и загрозува природно наследство“.

    Принтскрин од веб страницата на СДСМ со соопштението за хотелот во Лагадин од 15 март 2017

    Во соопштението објавено на веб страницата на СДСМ  стои дека „не поминуваат оправдувања за наводно почитување законски прописи, кога што сите укажувања се дека станува збор за најелитна и најатрактивната туристичка населба на охридското крајбрежје, којашто е дел од Националниот парк Галичица“ и дека „во постапката за донесување на планската документација и за издавање на одобрението за градба, прекршени се и поголем број одредби од Законот за градење, Законот за заштита на езерата, Законот за води и други закони“.

    Од СДСМ кога беа во опозиција тврдеа дека „се работи за градба во заштитен појас на помалку од 50 метри од брегот на природно езеро и  задолжително мора да биде изготвена оценка за влијанието врз животната средина, што не е направено“.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари