ЗАЕВ ВО 2014 ГОДИНА ПРОДАЛ ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КОЕ ЗАВРШИЛО ВО РАЦЕТЕ НА БРАТ МУ ВИЦЕ, ТВРДИ МИЦКОСКИ

    ЗАЕВ ВО 2014 ГОДИНА ПРОДАЛ ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КОЕ ЗАВРШИЛО ВО РАЦЕТЕ НА БРАТ МУ ВИЦЕ, ТВРДИ МИЦКОСКИЛидерот на опозицијата праша како токму братот и братучедот на премиерот добиле дозвола да градат на тоа место и дали тоа не е конфликт на интереси. - Од видео обраќањето на Христијан Мицкоски (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека премиерот Зоран Заев, како градоначалник на Струмица, во 2014 година продал државно земјиште и по неколку постапки тоа земјиште завршило во рацете на неговиот брат Вице Заев. Во видео обраќање на Фејсбук, тој побара од Јавното обвинителство да го испита случајот.

    „Премиерот Зоран Заев, тогаш градоначалник на Струмица, продава државно земјиште каде по повеќе постапки завршува во рацете на неговиот брат Вице Заев, чија компанија денес таму гради згради со цел енормно зголемување на личното богатство. На 29 декември 2014 година, одржано е јавно наддавање за оттуѓување градежно земјиште во Општина Струмица. На аукцијата се јавува само еден понудувач, лицето Сашко Брндевски, бизнис партнер на Вице Заев. На лицитација е постигната цена од 2.300 денари за метри квадратен, а парцелата е со вкупна површина од 18.462 метри квадратни. Истиот месец 2016 година, Сашко Брндевски потпишува договор за пренесување на право на градење со правните лица ’Тотал инженеринг‘, во сопственост на Вице Заев и ’Пелагонија Струмица‘, во чиј управен одбор тогаш е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Како надоместок, Брндевски добил стан од само 40-тина метри квадратни. Значи, еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина од 6.888 метри квадратни, профит од над милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев“, кажа Мицкоски.

    Лидерот на опозицијата праша како токму братот и братучедот на премиерот добиле дозвола да градат на тоа место и дали тоа не е конфликт на интереси.

    „Јавното обвинителство да испита дали се работи за постапка во која однапред се знае добитникот на парцелата, под кои услови е отстапено правото на градење и да го испита потеклото на парите на Брндевски, околу 700 илјади евра кои се уплатени на сметка на општината“, апелираше Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира