ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ЛАЖЕ, РЕКОА АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ВО „МОНСТРУМ“

    ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ЛАЖЕ, РЕКОА АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ВО „МОНСТРУМ“Одбраната во „Монструм“ во неколку наврати инсистираше дека загрозениот сведок не зборува вистина и е манипулиран од обвинителите (Фото: К.Попов)

    Тензична ситуација на моменти се случуваше во судницата 1 во Основниот суд Скопје 1 на сослушувањето на загрозениот сведок во случајот „Монструм“ на СЈО, бидејќи тој за првпат кажа дека видел 4 тела критичната вечер на 12 април 2012 на Смиљковското Езеро. Значи, сведокот бил таму пред да се случи убиството на 4 момчиња, беше заклучокот од неговиот исказ.

    „На 19.04. 2012 пред истражен судија сте рекле дека сте дознале за настанот утредента од телевизија и од Интернет. Денеска рековте дека сте виделе 4 тела. Што е точно, која е вистината?“, бурно реагираа обвинетите и одбраната.

    „Реков дека на критичниот ден бев на лице место, видов 4 тела, а што точно се случило дознав утредента од медиумите“, рече загрозениот сведок.

    Потоа, тие се посомневаа дека лаже оти ги гледал обвинетите кај Смиљковското Езеро, и наутро во 6 часот и попладне во 18 часот. Четворицата обвинители од СЈО скокнаа и бараа да се пушти снимката од минатото рочиште, каде загрозениот сведок се коригира и вели оти и наутро рано обвинетите ги има гледано на местото на злосторството, а не само навечер околу 18 часот.

    Во еден момент одбраната се посомнева дека сведокот од друга просторија ги чита одговорите, па обвинителката Фатиме Фетаи праша како тој знае дека „ние овде заедно со адвокатите и обвинетите ќе му ги поставиме сите овие прашања и тој во истата секунда ќе прочита готов одговор?“

    Обвинителите од СЈО реагираа неколку пати на поставени прашања на сведокот за час, време, растојание и други показатели, кои беа на граница да го откријат неговиот идентитет.

    Судењето продолжува на 31 август, кога судијата Огнен Ставрев ќе му поставува прашања на загрозениот сведок.

    На минатото рочиште на 22 август, кое се прекина поради замор на заштитениот сведок, тој како присутни секој ден наназад и на 12 април 2012 година на денот на убиствата, ги препозна присутните обвинети во судницата Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута. Во судницата беше и Хаки Азири, обвинет дека по свирепото убиство обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ги одвезол до косовската граница, откога се во бегство. Кога ја сврте камерата судијата кон публиката, загрозениот сведок рече дека препознава меѓу присутната јавност „уште некој“, но дека од сигурносни причини нема, да каже кој е тој.

    На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

    За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.

    С. К. ДЕЛЕВСКA

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира