ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА БЕШЕ УСВОЕН ТРАНСПАРЕНТНО И ДЕМОКРАТСКИ СО ПОДДРШКА ОД ГОЛЕМО МНОЗИНСТВО ПРАТЕНИЦИ, ВЕЛИ БЕЈЛИ

    ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА БЕШЕ УСВОЕН ТРАНСПАРЕНТНО И ДЕМОКРАТСКИ СО ПОДДРШКА ОД ГОЛЕМО МНОЗИНСТВО ПРАТЕНИЦИ, ВЕЛИ БЕЈЛИСАД силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција и дека договорот ќе ѝ овозможи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ. - Американскиот амбасадор Џес Бејли (Фото: СДК.МК)

    Амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли за Законот за амнестија вели дека е важна политичка одлука, усвоена низ еден транспарентен и демократски процес, поддржан од големо мнозинство пратеници во новогодишното интервју за „Гласот на Америка на македонски“. Како што кажа Бејли во интервјуто, законот ќе се оценува според тоа дали успеал да дизгради национален консензус потребен за да се реализира желбата на мнозинството граѓани за членство во НАТО и во ЕУ.

    „Мислам дека сите ќе се согласиме дека продолжената политичка криза создаде голем раздор и доведе до ситуација каде политичките поделби ги одредуваа односите помеѓу луѓето, а во некои случаи дури и повеќе од етничките, верските и економските разлики. Лидерите во Македонија треба да можат да работат заедно за да се справуваат со тешките прашања со кои земјата и граѓаните се соочуваат. Одлуката на Собранието да усвои Закон за амнестија е важна политичка одлука, усвоена низ еден транспарентен и демократски процес, што беше поддржан од големо мнозинство пратеници. На крај, мислам дека тој ќе се оценува според тоа дали успеал да изгради национален консензус потребен за да се реализира желбата на мнозинството граѓани за членство во НАТО и во ЕУ, процес што ќе го зајакне владеењето на правото во земјата“, вели Бејли.

    На прашањето дали има план Б во случај гласањето во Собранието за Договорот од Преспа да пропадне, било во Македонија или во Грција, Бејли одговори дека не гледа остварлива алтернатива на повидок.

    „Да се дојде до ова решение беа потребни 25 години и јас не гледам некоја остварлива алтернатива на повидок. Сигурен сум дека и понатаму ќе гледаме како храбрите лидери работат за да осигураат дека Македонија и Грција нема да ја изгубат можноста за конечно да се реши ова прашање“, рече Бејли.

    Тој повтори дека САД силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција и дека договорот ќе ѝ овозможи на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ и ќе придонесе за регионалната стабилност, безбедност и просперитет.

    Бејли го повтори и ставот на САД дека е важно оние кои ги организираа нападите на 27 април, да бидат земени на одговорност за своите постапки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира