ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ ЌЕ БИДЕ РЕВИДИРАН СОГЛАСНО УКАЖУВАЊАТА НА ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, КАЖА ЗАЕВ

    ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ ЌЕ БИДЕ РЕВИДИРАН СОГЛАСНО УКАЖУВАЊАТА НА ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА, КАЖА ЗАЕВЗа Венецијанската комисија Заев кажа дека е добар репер за сите законски решенија од областа на правото и е прецизна за правосудството. - Заев со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска беше на увид на работите на на клучката кај Технолошко-развојната индустриска зона во Прилеп (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев вели дека укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците ќе бидат испочитувани, тој ќе биде ревидиран од Министерството за правда и Заев се надева дека парламентарното мнозинство ќе ги прифати забелешките. Венецијанската комисија, во мислењето усвоено вчера, препорача преиспитување на Законот за употреба на јазиците и да не се применува двојазичноста во судските постапки.

    Според мислењето на Венецијанската комисија, законот оди предалеку, наметнувајќи им нереални правни обврски на јавните институции, посебно со употребата на албанскиот јазик во правните процедури, комбинирано со тешките казни за непочитување на законот и можноста за враќање на почеток на судски постапки поради недостиг на превод.

    „Значи ќе се даде на конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го кажува и потоа ќе се пушти во Парламентот за негово донесување. Во разговорите учествуваа Министерството за правда, потпретседателот на Владата за европски прашања, мојот кабинет, одржавме неколку состаноци, неодамна беше и генералниот секретар на Венецијанската комисија, така што, сме усогласени, рече Заев денеска во Прилеп при увид на работите на клучката кај Технолошко-развојната индустриска зона.

    За Венецијанската комисија тој кажа дека е добар репер за сите законски решенија од областа на правото и е прецизна за правосудството.

    „Никој не сака да загуби предмет на суд или да биде неправично осуден, односно самата пресуда да не стигне, или каква било граѓанска постапка поради тоа што одредено друго право било надминато повеќе од црвените линии, па правото на правда било нарушено. Тоа не смееме да го дозволиме. Секако сите други укажувања ќе ги адаптираме“, додаде Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира