ЗАКОНОТ ЗА СЈО НЕ Е ФОРМАЛНО ВО ЗАКЛУЧОКОТ НА ЕУ ЗА НАС, НО НИ УКАЖУВААТ, КАЖА ЗАЕВ

    ЗАКОНОТ ЗА СЈО НЕ Е ФОРМАЛНО ВО ЗАКЛУЧОКОТ НА ЕУ ЗА НАС, НО НИ УКАЖУВААТ, КАЖА ЗАЕВСпоред Заев, земјава има јасна поддршка и од Бундестагот и од канцеларката Ангела Меркел, како и од холандскиот парламент за отпочнување на преговорите. - Од посетата на Заев на Берлин (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев верува дека во текот на летото ќе има обид да се донесе Законот за Јавното обвинителство, со кој треба да се регулира работата на Специјалното јавно обвинителство, одговарајќи на новинарско прашање дали тоа е една од пречките Македонија да добие конкретен датум за преговори за членство во ЕУ.

    „Законот за СЈО не го ставаат формално правно во заклучокот, но ни укажуваат. Не мора Европа да ни каже за да го донесеме законот. Тоа е добро за нас. Да не си играме играчки. Доста беше. Нашата желба за консензус да постигнеме и по ова важно прашање, навистина имам флексибилни аспекти дадено овде, кои не го нарушуваат правниот систем, го гарантираат владеењето на правото на сите предмети, предистражна, истражна постапка, обвинителни акти и слично“, кажа Заев на денешната прес-конференција за почнувањето со поврат на ДДВ за граѓаните.

    Според него, Македонија има јасна поддршка и од Бундестагот и од канцеларката Ангела Меркел, како и од холандскиот парламент за отпочнување на преговорите.

    На новинарско прашање како ги коментира изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека земјата не исполнила ништо и затоа не добила датум за преговори, Заев рече дека овие изјави се лицемерие и собирање политички поени.

    „Во моменти кога нашата заедничка земја, и моја и на Мицкоски, има историски успеси, а во извештај на Европската комисија се вели дека сè е исполнето и дава поддршка на двата договори, да се збори за неисполнување е лицемерие. Некогаш треба заедно да се радуваме, затоа што заедно ги гласавме законите. Зошто треба за сè нешто да бараме и мрчиме? Ги признаваме слабостите, дел од тоа е составен дел во поглавјата, како што е правосудство, јавна администрација, антикорупција“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира