Расправата за Законот за употреба на јазиците е одложена за неодредено време, откако парламентарното мнозинство не успеа да најде решение како да го деблокира Собранието по расправата за поднесените над 35 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ на Законот за употреба на јазиците.
Иако седницата беше најавена за во 12 часот, па одложена за 15 часот, таа не се одржа. Образложение зошто не се одржа седницата немаше.
Неофицијално, дел од пратениците од СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека не успеале да се договорат со ДУИ кои закони се приоритетни за донесување, дали Законот за употреба на јазиците или да се даде приоритет на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за реформските закони од владиниот планот 3-6-9 за забрзување на евроинтеграциските процеси.
На координацијата во Собранието, ДУИ барала конечно да се затвори прашањето со Законот за употреба на јазиците без разгледување на амандманите. Но, СДСМ не прифатила.
Неофицијално, извори од мнозинството за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека сценариото за донесување на законот би почнало кога претседателот на Собранието Талат Џафери би ги искористил одредбите од собранискиот Деловник, кои предвидуваат дека не може Парламентот да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот и би ги отфрлил амандманите како неосновани, а незадоволните би ги упатил да покренат постапка пред Уставниот суд.
Пратеничката група на СДСМ не се согласува со ваквото сценарио, бидејќи во моментов се водат преговори со ВМРО-ДПМНЕ за целиот сет закони за кои е потребно двотретинско мнозинство и реформските закони потребни за напредок во евроатланстката интеграција на Македонија. За дел од законите за кои е потребно двотретинско мнозинство, биле пред договор.
Денес цел ден собраниската сала беше празна, во неа беа само собраниските служби и пратеникот Амди Бајрам.
Пред собраниската сала и во собранискиот Клуб на пратеници беа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа на штрек ако Џафери ја почне седницата за Законот за употреба на јазикот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Законот е противуставен и треба да биде повлечен.
Г. ТРПЕНОСКИ